Женска правда за комити!?

3363

Како што се гледа, во Македонија, секое чудо за три дена. Во моментот кога во Собранието се собра критичната бројка од 80 пратеници кои гласаа за започнување на процедурата за уставни промени, за 24 часа таа тема „издиша“,  се симна од врвовите на политичкиот интерес на јавноста. „Патриотските сили“ на уставобранителите, предводени од Левица, заканувајќи се дека народот ќе им пресуди на „предавниците“, речиси никогаш не собраа повеќе од петнаесетина души пред Собранието – помалку од оние кои редовно чекаат автобус преку пат на Градска болница.

Дури и на Фејсбук се вратија мачињата и кучињата како најважни постови за потребите на општата македонска денгуба.

Забавата, од собраниските сали, се пресели во седиштето на опозицијата, бидејќи во тек е мерење на должината на аргументите на оние кои се за и против Мицкоски да остане, со математичка прецизност, да ја води ВМРО-ДПМНЕ во нови политички победи. Како тргнало со оставките, на крајот Александар Николовски и Мицкоски ќе мораат последни да играат лист-камен-ножички за тоа кој ќе го изгаси партиското светло.

Работата таму, се разбира, „смрди“ на Мијалков, иако барем тој би требало да знае дека оној кој ги поседува партиските печати на брендот „ВМРО-ДПМНЕ“ секогаш преживува отцепувања, оставки и напади од надвор… Меѓу другите, да си ја врати партијата, своевремено, не му успеа ни на вмровската жива легенда Љубчо Георгиевски, па не гледам зошто тоа би му успеало на помалку осамениот од двајцата братучеди?!

Заев и компанија, пак, влегоа во нова пропагандна офанзива: промовираа некаков нов план за европски реформи со некаква цифра на крајот, бидејќи таа „фатаморгана“-практика со ставање бројчиња зад списокот на желби за реформи ги држи во кондиција да не заспијат од темпото со кое се одвиваат промените на подобро во општеството.

Практично, да не е правосудството, би поумреле од здодевност! … Истражна постапка за Иванов; Бачев приведен на распит; Миленко приведен на распит; на Грујо му е врачен упатот за „бањско лекување“ во Куманово, тој бара одлагање… Секој ден течат судења за еден куп предмети на СЈО (патем, за прв пат се покрена истрага против еден „седечки“ потпретседател на влада), а судското дефиле за 27 април опасно се приближува кон нарачателите на обидот за државен удар… И да не ја спомнувам општата ќор-фишек дискусијата за тоа ќе има или ќе нема амнестија.

Се чини дека рецептот за „нема правда, нема мир“ полека се проби на „позитивната листа“ на Фондот за правна држава.

Занимливо, на овој фронт, во првите правосудни редови за спроведување правда ни се неколку храбри жени, „разместени“ на обвинителски и судски функции – наспроти 90 отсто мажи (во сличен полов процент се и нивните адвокати) кои седат на обвинителните клупи. Може ли тоа да е случајно?

Се разбира дека не е: насилните или крупните криминали во Македонија се, главно, резервирани за мажите, бидејќи во политиката на распоредот на општествената моќ – подеднакво кога со него владееле и комитите и комуњарите – нашето општество е недвосмислено мачо, со сите развиени форми на системска дискриминација кога е местото на жената и општественото економско и политичко влијание во прашање. Мажите ги контролираат и парите и власта, а и посегањето по сила, кога парите и власта ќе им се доведат во прашање.

Во со децении развиваното послушно македонско правосудство, пак, превладуваат жени, како попедантни и попослушни спроведувачи на „правдата“ на мажите.

И токму затоа, има извесна доза на вселенска правда во целата таа работа што некогашните моќници и нивните гавази сега се обвинети и судени од „женска рака“. Претпоставувам дека некои од овие што ги гледаме по судниците тоа, навистина, го доживуваат како смртно понижување.

Има ли пострашно од тоа комити да настрадаат од „женска правда“?

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...