Еден смел излет во сферата на јазикот на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска заслужува должно внимание. Според тоа што го прочитав на порталот “Либертас,“ Силјановска подложила на подбивна, беспоштедно- саркастична анализа еден неологизам со осило на премиерот Зоран кој гласи – „завидлизам“. Тој неологизам е нешто како добар противотров на друг. Збор е за неологизмот „заевизам,“ омилен во реториката за сегашната опозиција која мава по политиките на Заев со сите расположливи „орадија“.
За неологизмот “завидлизам“ на Заев, Силјановска го кажала следново во Македонска Каменица: „сега уште и јазичко чудо чувме, човекот е небаре Блаже Конески, почна да го дополнува македонскиот јазик со нов збор кој никој не знае што значи.“ Има ли некој проблем со тој неологизам на Заев? Ако има, во што е тој проблем? Или, како, по кус начин, да се идентификува (именува), за да се најде погоден илјач за него?
Има и – тој проблем не се вика Заев кој смислил нов збор туку, напротив. Силјановска добро знае што значи „завидливост“ и уште подобро „завидлизам.“ Но затоа пак брзо заборава (намерно!) дека секој човек кој зборува македонски наследува, од своите родители, “способност за јазик“ и по таа “способност“ секој е или може да биде – Конески. Тој обичен човек е “јазикотворец“ како што и Конески e – само еден од нив кога предлага нов збор за тековниот јазик.
За тоа дали некој нов збор на секој што зборува македонски ќе влезе во речникот на тој јазик решава еден строг судија кој се вика „колективна санкција.“
Нема разлика, за тој судија, дали новиот збор доаѓа од устата на Конески, на Заев или на Силјановска. Ако тоа што го предлага било Конески, било Заев, било Силјановска е во духот на јазикот, ако тој јазик има потреба од од тој збор, ќе го задржи. Во спротивно, ќе отпадне како “оказионал“, како што вели Конески. Врие од неологизми нашиот тековнен јазик со добра можност да влезат во речникот. „Властитутка“, и “експертутка“ ги смисли Ј. Костова. „Пропалитет“, „претеризам“ се неологизми на М. Велиновска. Среќавам кај С. Ордановски и Б. Тричковски (ќе треба да почнам да ги бележам), а тоа зборува за засилена јазикотворечка дејност, по секоја веројатност чедо на либералната демократија.
Сега, дали неологизмот “завидлизам“ на Заев е добар или лош? Учените лингвисти ќе ви речат дека тој збор има мошне добра “морфолшка слика“; дека со малку кажува многу; дека упатува на два контекста: на контекстот етика (оние што завидуваат) и контекстот политика. Или, подобро, на контекстот политичка филозофија-нихилизам од која тешко страда нашата опозицијата. За неа е, тој нихилизам, погодно средство да се врати на власт. Не е „претеризам“ да се рече дека кон тој омилен нихилизам прибегнува сега и Силјановска уверена дека што повеќе оцрнува друг, толку повеќе (и подобро!) се обелува – себеси.
Ако така некако стојат тие работи со „завидлизмот“, уште полошо стојат со една стилска акробација од мерата надвор на Силјановска која гласи: „па тоа што Катица е машки Заев, Заев ви е женска Катица.“ Уште полошо, затоа што нема добар начин пристојно да се анализира таа стилска акробација на еден пртседателски кандидат; затоа што боде очи и навредува нејзината трапавост; затоа што е незамислива, затоа што не оди со звучната титула универзитетски професор, макар и по правни науки. Од тие причини јас ќе се лишам тука од задоволството да се позанимавам со таа „женска Катица“ и „машки Заев“.