Во Собранието денеска е формирана Комисијата за помирување, на иницијатива на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.
Иницијативата беше разгледана на координација на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи и потпретседателите на законодавниот дом.
Со Комисијата за помирување ќе претседаваат потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски и пратеничката Емилија Александрова. На првиот состанок по одредување на членовите на Комисијата ќе треба да се определат темите и надлежностите на ова тело.
На денешната координација кај Џафери не присуствуваше координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, а веднаш на почетокот средбата ја напушти Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците, кој смета дека ова е отворање на мала врата за амнестијата за настаните во Собранието на 27 април минатата година.
Фото: МИА