Лицата со посебни потреби ќе може да доплатуваат при набавка на надстандардни ортопедски помагала, наместо да го плаќаат целиот износ како досега, предвидуваат измените на Законот за здравствено осигурување и на Правилникот, кои сѐ уште не се донесени. Додека, за пациентката на која и се ампутирани двете раце, а која ќе добие протеза со електронска шака и со функционален лакот со кои ќе може сама да јаде, да се облече, да носи ташна, набавката на протезата е според постојниот Правилник – појаснија денеска од Фондот за здравствено осигурување.
За овие протези, во Фондот утврдена е референтна цена која изнесува околу 40.000 евра.
– Со овие протези, осигуреното лице ќе може да обавува 70 отсто од функцијата на вистински раце, Корисникот го притиска прекинувачот со брадата, така се управува со протезата. Целта на Фондот е да овозможи континуирана достапност на квалитетни помагала до лицата со посебни потреби, па оттаму измените и на Законот и на Правилникот. За таа цел, Фондот е во фаза на формирање на посебен сектор за ортопедски помагала. Во овој сектор се предвидени да бидат ангажирани 10-тина вработени меѓу кои и лекари, а директор на секторот ќе биде Даниела Стојановска Џинговска, која и самата е лице со посебни потреби, а која доаѓа од невладиниот сектор и по професија е дефектолог, па оттаму, таа добро ги знае проблемите со кои се соочуваат овие лица во земјата – велат од Фондот и додаваат дека се прават постојани анализи, врз основа на кои се ревидира списокот на ортопедски помагала.
Во овој период, се работи на анализа за лесните и ултралесните колички за лицата со параплегија и квадриплегија, како и други барања од лицата со попреченост и граѓанските здруженија.
– Настојуваме да излеземе пресрет на лицата со посебни потреби затоа и ги правиме законските измени, а ако треба ќе го зголемиме и буџетот, во рамки на можностите на Фондот. Во минатата година за ортопедски помагала Фондот одделил 576 милиони 280 илјади денари, што е за 10 милиони повеќе во однос на претходната година. Но некогаш не е сѐ до нас – еден од проблемите е што добавувачите не ги набавуваат сите видови ортопедски помагала кои им се неопходни на пациентите – велат од Фондот.