Кинеските медиуми известуваат за жена која минатата година родила близнаци, за потоа да се утврди дека бебињата имаат различни татковци. Овој многу редок случај го потврди анализата на ДНК која воедно ја натера мајката на близнаците да признае дека го изневерила сопругот.
Приказната излезе во јавност кога двојката од југоисточниот кинески град Ксиамен морало да го пријави раѓањето на двајцата синови, близнаци, во локалната полициска станица лани, пишува кинески „Страјт хералд“. Но, сопругот наводно од почетокот имал сомнежи, бидејќи едното бебе воопшто не личело на него.
За довршување на регистрацијата потребен бил тест за татковство со што двојката би докажала дека близнаците се нивни. Откако пристигнале резултатите, жената едвај му признала дека е можно едното дете да не е негово. Тој бил шокиран, рекол директорот на форензичкиот центар, Занг. Открил дека мажот збеснал откако стасале резултатите и со нив ја соочил сопругата.
Жената прво негирала дека имала афера и го обвинила сопругот дека ги лажирал резултатите на тестот. Но, на крајот признала дека спиела со друг маж една ноќ. Таткото, наводно рекол дека со задоволство ќе го одгледува своето дете, но дека сигурно нема да има врска со туѓото дете, пренесува „Дејли мејл“.
Близнаци кои имаат различни татковци се многу ретка појава позната под називот хетеропарентална суперфекундација. За да се случи нешто такво, жената мора да има сексуални односи со двајца различни мажи ден пред или по овулацијата за двете јајце-клетки да бидат оплодени.
Стручњаците велат дека тешко е да се одреди точната веројатност за да се случи овој феномен, но претходните истражувања покажуваат дека веројатноста е некаде помеѓу една на 400 двојки близнаци и една на 13.000 двојки, пишува „Гардијан“.
Пред пет години еден кинески бизнисмен од источниот град Јивуа наводно бил скршен кога открил дека еден од близнаците не е негов. Во тоа се посомневал откако сфатил постариот син имал двојни капаци. Ниту тој, ниту мајката на децата го немале тој проблем, па затоа се посомневал дека детето не е негово.