По годините на политичка криза, домашната политичка сцена одамна не била толку загреана. Додека власта прави планови за реформските приоритети, планови 3-6-9-18, опозицијата се преструктурира, промовира нови лица и се зафаќа со конструктивна работа, откажувајќи се од бојкотот. Истовремено не запираат обвинувањата насочени кон политичкиот опонент. Продолжуваат големиот број судски процеси во кои се инволвирани лица од претходната политичка гарнитура. Се чека разрешница и за минатогодишните настани од 27 април.
На надворешен план, пак, забрзано се крчка решение на спорот со Грција. Власта ги интензивира преговорите, додека опозицијата бара веднаш да бидат прекинати. Со препораката на Европската комисија се придвижија, барем навидум, евроинтеграциите и повторно се акуализира темата за членството на Македонија во НАТО. Од друга страна, стабилноста на регионот е прашање кое останува секогаш отворено.
Во време кога лажните вести и диригирани медиуми се и светски проблем, кај нас повторно се во фокусот голем број дебатни емисии, меѓу кои особено се издвојува „Само вистина“ на Канал 5. Жешки и актуелни теми, атрактивни гости секогаш подготвени да ги вкрстат своите ставови и острите модераторки, Мирјана Трпчевска и Елизабета Гелевска, се главното обележје на „Само вистина“.
– ТВ дуелот „Само вистина“ се појави пред една година. На 15 мај е првиот роденден на овој ТВ-продукт, кој за кусо време успеа да се наметне како неизбежна дневна доза задоволство за публиката. Тоа што се појави во време кога сѐ уште не беше надмината политичката криза, не беше конципирана владата и новиот парламентарен состав, а за сето тоа се дебатираше во емисијата, си го направи своето, секако, новиот тренд што го наметнавме со директни и отворени прашања до гостите бирани со цел да се задоволи политичката, етничката и секоја друга балансираност – вели Трпчевска.
Според Трпчевска во моментов најактуелни се дебатите за името, за законот за употреба на јазиците, за 27-ми април…
– На овие теми дебатирале од универзитетски професори преку аналитичари, пратеници, партиски потпретседатели, до уметници. Би го издвоила ставот на Кили за името, на Оливер Андонов и Максим Димитриевски за 27-ми април, за законот за употреба на јазиците и начинот на кој беше донесен ставот на Талат Џафери и Трендафил Ивановски – додава Трпчевска.
„Само вистина“ се емитува веќе трета сезона. Досега се емитувани 193 емисии, а покрај жешкиот „икс“ во студиото застанале повеќе од 200 гости. Благодарение на пристапот и отвореноста во третманот на жешките прашања, останува број еден дебатна емисија во домашниот етер.