Амбасадорот на Европската Унија Самуел Жбогар вели дека сега е моментот за вистинска соработка помеѓу сите институции за да се исполнат препораките на УНЕСКО за Охрид.
– Секогаш верувам дека е подобро сами со сопствени сили да се справите со проблемите. Од 4 јули кога УНЕСКО ја даде препораката, до 1 февруари има 30 недели што можат да се искористат за да се реши проблемот. Од тогаш поминаа две недели и не гледаме никаков резултат, иако сметам дека навистина треба да се вложат сите напори за да дојде до тој резултат – изјави амбасадорот Жбогар одговарајќи на новинарско прашање во врска со препораките на УНЕСКО.
Тој рече дека вчера имал средба со неколку активисти и коактивисти кои, како што рече, со него ја споделиле загриженоста дали воопшто препораките ќе можат да се исполнат.
– Сметам дека сега е моментот кога треба да видиме вистинска соработка помеѓу институциите на национално ниво, Владата, Парламентот, општините, локалните самоуправи и да се најдат нови начини за справување со проблемот. Потребна ни е нова енергија, нов начин за да се среди тоа – изјави Жбогар денеска во Слатино.