Околу 18 милиони евра од претпристапните фондови на ЕУ за поддршка на проекти во Македонија се наменети за развој и унапредување на туризмот. Тоа е голема шанса за туристичките центри, особено за Охрид како најпозната туристичка дестинација во државата, беше истакнато на вечерашната трибина со граѓаните што ја организираше Канцеларијата на Европската унија во Македонија.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар посочи дека Европската унија години наназад ги поддржува сите проекти кои се во насока на развој на општеството и подобар живот за граѓаните.
– Терминот „заедно“ е клучен збор овие денови не само во Македонија туку и во Унијата, пред се поради предизвиците со кои во моментот се соочува Европа во меѓународните односи. Заедништвото во Унијата значи меѓусебна солидарност на земјите, луѓето заеднички да се справуваат со проблемите, да изнаоѓаат решенија во полза на сите, да промовираат заеднички вредности… Доколку тоа важи за земјите-членки, верувајте дека тоа уште повеќе се однесува на земјите аспиранти за ЕУ како Македонија – нагласи Жбогар, притоа користејќи аналогија дека пловењето по немирни мориња секогаш е побезбедно во поголемите бродови, отколку во мали чамци.
За придобивките на туризмот по влезот во ЕУ, Жбогар го посочи примерот на неговата родна Словенија каде пред влезот во Унијата туризмот учествувал со пет проценти во Бруто домашниот производ, а околу четири проценти од населението било вработено во туристичкиот сектор. По влезот во Унијата, туризмот учествувал со 12 проценти во БДП, а во туристичката дејност работат 20 проценти од граѓаните.
Охрид досега има искористено само четири милиони евра од европските фондови, а локалната самоуправа најавува формирање на т.н. проектна секција во рамки на општината во која ќе бидат ангажирани лица кои ќе работат на изработка на проекти со кои би аплицирале за добивање финансиски средства од европските фондови.
– Ќе објавиме јавен повик за сите заинтересирани за изработка на проекти да се приклучат. Ќе следи период на нивно тестирање, интервјуирање и на крајот селекција. Најдобрите дваесеттина-триесеттина ќе ги приклучиме во рамки на Општина Охрид да работат на искористување на структурните, претпристапните фондови – рече градоначалникот Јован Стојаноски.
Најави дека следната година најголем дел од средствата од буџетот на општината ќе бидат насочени кон изработка на квалитетни проекти со кои ќе се аплицира во ЕУ фондовите. – На последниот повик за „конкурентност на туризмот“ Охрид аплицираше со проектот за реконструкција на Кејот на Охридското Езеро, за кој е изготвен основен проект, добиено е конзерваторско решение и ја чекаме водостопанската согласност. Се надеваме дека во ноември ќе ги добиеме средствата – рече Стојаноски.
Слични трибини со граѓаните, Делегацијата на ЕУ во Македонија веќе реализираше во Струмица, Гостивар и Крушево.