Жбогар кај новиот претседател на Водно: Можеби Пендаровски ќе се сретне со лидерите на ЕУ во Брисел

502

Се надеваме на успешна соработка со претседателот Стево Пендаровски во деновите и месеците што претстојат за интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, изјави амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Самоел Жбогар по денешната средба со шефот на државата во „Вила Водно“.

– Имав средба со претседателот Пендаровски. Му ги пренесов честитките од претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск и од претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, во кои тие изразуваат подготвеност за многу блиска соработка за европската иднина на Северна Македонија и за градење на заедничка Европа – рече Жбогар.

Евроамбасадорот рече дека на средбата изразил почит за вчерашните пораки на Пендаровски на инаугурацијата, пораки за помирување, за подавање рака, за обединување на сите политички сили во земјата во интерес на сите граѓани и напредок на државата.

– Охрабрен сум од неговите пораки и од денешната средба. Разговаравме за неговата можна посета на Брисел и средби со лидерите на Европската Унија, нешто на што ќе работиме во наредните недели – рече Жбогар по средбата со Пендаровски. 

Претседателот Пендаровски, пак, на средбата како што соопштија од неговиот кабинет, укажал дека почетокот на преговорите за членство во ЕУ е заслужен и неопходен со цел поттикнување на севкупните реформи и унапредување на политичката култура во земјата.

– Очекуваме од лидерите на членките на Европската Унија да бидат принципиелни и доследни на дадените ветувања. Да го валоризираат сработеното и да овозможат Република Северна Македонија да постигне успех на планот на евроинтеграциите – истакна претседателот Пендаровски на средбата со евроамбасадорот Жбогар.

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...