„Сметајте на нас“ – им порача премиерот Зоран Заев на членките на Европската унија кои денеска во Штип на централната манифестација во Македонија го слават Денот на Европа. Тој истакна дека иднината на Европа е иднина која му припаѓа на секој европски граѓанин, а граѓаните на Македонија, рече, ја избраа Европа и Европската унија, бидејќи се изградени на вредностите во кои веруваат.
– Новиот циклус на преговори на Европската унија со Западен Балкан, најавен од претседателот на Европската комисја Жан Клод Јункер, е уште еден историски чекор на Европа, кој ќе ја направи Унијата уште поголем економски и политички играч на светската сцена. Оттаму, кога велиме дека Европската унија е избор на граѓаните на Република Македонија, велиме и дека тоа е избор на економски посилна Европа. Избор за поправедна и побезбедна Европа, која ни припаѓа на нас, на сите нас – рече Заев.
Амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар, кој се обрати на македонски јазик, истакна дека славењето на овој Ден на Европа – 9 Мај е посебен, бидејќи се слави во знакот на пресвртницата во Македонија која, како што рече, од земја што назадува стана земја која се движи во вистинскиот правец.
– Земја и граѓани кои упатуваат порака до Европа: „Да, ние можеме“ или, како што рече премиерот: „Сметајте на нас“. Тоа го потврдува и неодамнешната изјава на претседателот на Еврпскиот совет Доналд Туск, дека вербата на Евроспката унија во целиот регион се обнови благодарение на вашите напори за спроведување на реформите за градење едно општество за сите, за градење консензус околу националните прашања за јакнење на односите со соседите и заедно со Европска унија за справување со предизвикот на миграцијата, рече Жбогар.
Тој додаде дека денеска се слави мирот во Европа и се оддава почит на визијата за подобар свет, како и храброста таа визија да се претвори во реалност.
– Европската приказна е приказна за европските вредности и принципите на демократија, на владеење на правото на слободите и солидарноста, еднаквоста и напредокот – рече Жбогар.
Градоначалникот на Штип Благој Бочварски се заблогодари на довербата што токму Штип е избран за место на организирањето на централната манифестација за Денот на Европа во Македонија.
– Приклучувањето кон големото европско семејство од мит се претвора во реалност преточена во чиста препорака за почеток на преговорите за членство. Затоа, да ги вложиме нашите заеднички сили за позитивен епилог на ова поглавје, кое ќе ни обезбеди поцврста демократија, повисока безбедност, поголем потенцијал за напредок, побрз економски раст, повитално здравство, поефикасно образование, пошироки можности за младите и подостоинствен стандард за пензионерите – истакна Бочварски.
Евроамбасадорот Жбогар, премиерот Заев и штипскиот градоначалник Бочварски свечено го отворија и ЕУ паркот, каде што сите членки на ЕУ се претставуваат пред граѓаните, а исто така музички групи, ликовни изложби, спортски натпревари и низа други настани се дел од целодневната манифестација што се одржува на градскиот плоштад „Слобода“ во Штип.