Жаир Болсонаро – бразилскиот Доналд Трамп

Зад Болсонаро се влечат повеќе скандали, пред се поради неговите провокативни изјави - тој го фалеше периодот на воена диктатура во Бразил од 1964 до 1985 година.

87
ФОТО: EPA-EFE-Joedson-Alves

Приврзаниците на „бразилскиот Доналд Трамп“, Жаир Болсонаро сметаат дека тој е единствениот човек кој може да воведе ред во најголемата држава во Јужна Америка и да му помогне на Бразил да се справи со криминалот и корупцијата, пипува ДПА.

Неговите противници, пак, велат дека екстремнодесничарскиот кандидат за претседател на Бразил е опасен екстремист и дека неговата популарност покажува на кое ниво е доведена демократијата во Бразил.

Болсонаро доаѓа од семејство со италијанско потекло кое живее во југоисточната држава Сао Паоло. На 17 години се пријавил за служба во бразилската армија, каде дошол до чинот капетан. Јавно се кренал против ниските плати во армијата, поради што добива поддршка и критики во јавноста.

Во 1988 година почнува кариера во политиката, а за пратеник е избран во 1991 година. Неколку пати менуваше партии, за сега да биде лидер на национално-конзервативната Социјално либерална партија на Бразил.

Овој 63-годишен политичар ја гради кариерата благодарние на својата харизма и борбениот пристап. Но, и покрај долгата политичка кариера, Болсонаро се претставува како човек кој не доаѓа од политиката. Тој постојано ја напаѓа корумпираната политичка елита, и покрај тоа што и самиот мораше да ја натера својата трета сопруга да се откаже од работното место како негова секретарка, откако Врховниот суд реши дека е спротивно на законот пратеници да вработуваат блиски роднини во државната администрација.

Зад Болсонаро се влечат повеќе скандали, пред се поради неговите провокативни изјави – тој го фалеше периодот на воена диктатура во Бразил од 1964 до 1985 година, рече дека не би можел да сака син – хомосексуалец, а за Афро-бразилците има изјавено дека веќе не се добри „ниту за приплод“. Болсонаро беше парично казнет поради изјавата дека колешка – пратеничка е толку грда што никој не би сакал да ја силува.

Левичарската Работничка партија поднесе кривична пријава против Болсонаро откако тој изјави дека активистите на оваа партија треба да бидат стрелани. Болсонаро возврати дека се работело за шега.

Политичката програма на овој кандидат подразбира ултралиберални економски мерки, како и значително олеснување на можноста граѓаните да купат огнено оружје, за да можат да се одбранат од криминалците. Болсонаро е против хомосексуалните бракови, абортусот, позитивната дискриминација на малцинствата и населувањето на мигранти од Венецуела во Бразил, при што предлага за нив да се изградат кампови на границата меѓу двете земји.

Неговата главна поддршка доаѓа од евангелските христијани во Бразил, како и од граѓаните кои се изморени од високата стапка на криминал, корупција и од економската стагнација во земјата, смета политичкиот аналитичар Едуардо Креспо.

По отстранувањето на левичарскиот поранешен претседател Луиз Игнасио Лула да Силва од изборната трка, поради неговата пресуда за корупција, Болсонаро има солидни шанси да победи на изборите, доколку не биде запрен од повредата што ја претрпе кога беше прободен со нож за време на предизборната кампања.

Болсонаро е најдесниот кандидат за претседател на Бразил досега, а неговата евентуална победа би довела до „значителни промени и огромен чекор назад“ за земјата, вели Креспо. Долгорочно. – Ултраконзервативната партија на Болсонаро најверојатно ќе биде отфрлена од бразилското општество, смета овој аналитичар.

ФОТО: EPA-EFE-Joedson-Alves; Твитер

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...