Живееме во општество во кое поранешниот премиер со правосилна пресуда промовира книги за економија, шетајќи се низ Будимпешта, министерот за внатрешни и службите уште не знаат како заминал од земјата, пратениците порачуваат „полчиња“ по телефон, партијата која падна од власт поради криминал ја бара правдата во Македонија, да запишеш дете во прво одделение е потешко отколку на факултет, мора дирекно од некој универзитет да му купиш диплома, болниците ни се страшни за гледање, но министерските кабинети и Владата ни се полни со советници, рамковните си земаат плата, но дуќанџиите и пазаџиите страдаат од казни и такси за плаќање, иновациите цветаат, но за жал уште не можеме да произведеме македонски велосипед, камоли нешто посложено.
Стана вредност да си криминалец кој украл од сопствените сограѓани, нарекувајќи се „патриот“, а ако не може така, бидејќи е зафатено од другиот табор, тогаш „европски визионер”. Да си ја вработиш фамилијата, љубовницата, братучедот, другарот од партија, па макар било тоа и учител во училиште, е основна линија на политичката мисла, иако знаеш дека утре и твоето дете или внуче ќе го „осакатат” во тој ист образовен систем.
Криејќи се низ лавиринтите на „европеизмот” и „патриотизмот”, станавме општество во кое ненормалното стана нормално, а нормалните едноставно бараат начин да емигрираат.
И сите здружени за напред, си молчиме како небаре ова се случува на соседите, а не кај нас во сопствениот двор.
Водени од онаа нашата стара мудрост „Молчењето е злато”, многумина „закачија“ тендери, или некое „дебело“ платено место во ЕЛЕМ или МЕПСО.
И после се чудиме зошто младите размислуваат како Миладинов!
„Не, ја не можам овде да седам,
не, ја не можам мразој да гледам!
дајте ми крилја ја да си метнам
и в наши ст’рни да си прелетнам;
на наши места ја да си идам,
да видам Берлин, Лондон да видам”
Не е пријатно за читање, боли! Но вистината е најсилното оружје, таа ќе не направи слободни!
Ех наша илузорна Македонијо, не си Северна, измачена си!