Секогаш ангажирајте мрзлив човек да заврши некоја тешка задача бидејќи само тој ќе најде лесен начин како да ја заврши работата – ова не е моја мисла, туку познат цитат на милијардерот и филантроп Бил Гејтс, кој го слушнав неделава за време на практична вежба во рамки на обука.
Да бидам искрен, ова ме замисли во насока на тоа дали ние треба да најдеме мрзеливи луѓе на кои ќе им довериме да спроведат важни општествени процеси со цел истите да се случат многу побрзо и еднаш за секогаш да почнеме да живееме во земја каква што посакуваме и мечтаеме. Со целосно средено, но и задоволство кај граѓаните од образованието, здравството, сообраќајот, културата, почитување на човековите права…
Бидејќи не дека работите не се менуваат, меѓутоа пројдоа веќе 30 години самостојна држава, а како сѐ уште да ги имаме истите слабости, ни пречат истите работи и ги имаме истите поводи и причини поради кои размислуваме или решаваме да се иселиме во некоја од земјите од Западот.
Пред нешто повеќе од една година со мој близок пријател разговаравме на тема за актуелните политички случувања, честото вртење во круг и повторување на исти грешки од различни политички гарнитури. Неговото размислување беше дека е многу тешко за сите нас зашто на изборите често мораме да избираме помеѓу власт на неефикасни демократи или власт со послаб демократски капацитет која знае како поефикасно да ги менува и спроведува политиките.
И токму во овој контекст доаѓаат и овонеделните статистики: индексот на корупција во 2019-та година на „Транспаренси интернешнл“ каде земјата бележи пад, како и Индексот на демократија каде „Економист“ нѐ смести во групата земји со т.н. „хибриден режим“. Од друга страна, деновиве ги имаме и статистичките податоци за раст на економијата и платите, убавата вест која стигна од Шпанија за сѐ поизвесното наше членство во НАТО и веројатно скорешниот почеток на преговори со ЕУ.
Ги ставам настрана партиските кујни и ПР тимови кои ваквите статистики веќе ги користат во своја дневно-политичка агенда. Предизборие е, па секој ќе влече на своја страна и ќе ги користи сите начини за собирање на политички гласови.
Меѓутоа, едно е сигурно, ова треба да биде конечна опомена за секоја политичка партија. Сѐ што ќе изјавите јавно, некој го мери и премерува. Секоја ваша реченица или постапка се памти и уште утре ќе биде статистички потврдена или негирана. Затоа е важно партиите да бидат искрени и отворени кон граѓаните. Да ги објаснуваат искрено работите и да не менуваат ставови во зависност од тоа дали се моментално на власт или опозиција, туку секогаш да даваат решенија за проблемите и предизвиците кои ги мачат граѓаните. Гласачите имаат целосно право да бидат третирани како партнери на партиите, а не како нивни потчинети или машинерија која само служи за да ги задржи или донесе на власт!
Исто така, мислам дека на следното кафе на пријателот ќе му кажам дека крајно е време сите ние како граѓани да гласаме за оние кои во исто време знаат како да бидат ефикасни во спроведување на политиките, но и постојано да ја унапредуваат демократијата и слободата на секој наш граѓанин. Истовремено, оптимист сум дека ваквата порака ќе ја примат во буквално сите партии и независно која од нив ќе го освои мнозинството, по 12 април да покаже дека веќе создале современа и инклузивна политичка и комуникациска култура, насочена кон потребите на граѓаните, а не кон политичарите и нивните елити.