Проширувањето на ЕУ и преговорите со Северна Македонија и Албанија, околу што моментно Унијата е разединета, ќе биде едно од најважните прашања во текот на шестмесечното финско претседателство кое започна неделава.
Ова деновиве за Шведската телевизија го потврди шефот на финската дипломатија Пека Хависто, потенцирајќи дека ставот на Финска е дека ЕУ-проширувањето треба да се поддржи и дека земјите што ги исполнуваат критериумите треба да бидат примени во членството.
Но имајќи ја предвид изјавата, – која не беше толку изненадувачка за да се почувствува како неочекуван студен туш, – на францускиот претседател Макрон, кој е „скептичен кога ни објаснуваат дека иднината на ЕУ е во ново проширување“, сега веќе нема никакво сомневање дека меѓу членките на ЕУ постои јасна поделеност и спротивставени мислења околу приемот на нови членки.
Макрон го условува проширувањето со неопходност од претходни институционални реформи во Унијата, но, да се потестиме, дека тој, иако минимално, сепак беше поразен на ЕУ-изборите од радикалните десничари популисти обединети околу Националниот фронт на Марин Ле Пен, која проширувањето кон Исток го смета за скап, нефункционален и економски неефикасен пројект. Домашната политичка сцена и расположението на националното избирачко тело не смее да се запостави, посебно кога е во прашање Макрон како еден од политичките лидери со најголема моќ во Европа.
Но и други членки не заостануваат со своите критички гледишта зад Макрон. Во Данска, која покрај Франција и Холандија најчесто се споменува како еден од „кочничарите“ на проширувањето, социјалдемократите се посебно забележителни како скептици. „Не можеме во овој миг да замислиме нови земји да бидат примени во ЕУ“, рече неодамна портпаролот на данските социјалдемократи за ЕУ-прашања.
Ставот на Данска кон прашањето за проширување во подолг период во изминатите години беше стабилен во Парламентот-Фолкетинг, односно дека вратата на ЕУ е отворена за прием на нови членки кога ќе бидат подготвени за тоа. Но сега ставот се изострува така што се потенцира дека земјите кандидатки мора да бидат „целосно подготвени“. Не само половично. Оттаму и стравот кај данските сиоцијалдемократи да се согласат со доделување датум за започнување на преговори за членство, кои подоцна би било тешко да бидат запрени. Како и многупати досега, посебно се потенцираат лошите искуства околу владеењето на правото и состојбите во економијата по брзото зачленување на Романија и Бугарија (но и не само кога се во прашање овие две членки).
И тука продолжува да се интензивира дебатата, неретко и со празни флоскули, за европските вредности и колку тие на најширок план се проткаени во сите сфери на општественото живеење во ЕУ. И во колкава мера се потпираат врз силна верба во политички, социјални и економски стандарди, кои се темелат врз социјална пазарна економија.
Но сепак, елементарните ЕУ-вредности се наметнуваат и како најтешкото прашање. Доколку сите идеолошки би влечеле на иста страна тогаш разликите во мислењта околу приоритетите би можеле полесно да се надминат. Но актуелните состојби укажуваат на поинаков развој. ЕУ-буџетот во сегашната форма значи дека Германија плаќа најмногу за членки како Унгарија и Полска, чии лидери се залагаат за политика која во многу нешта ја саботира ЕУ-соработката, се оддалечуваат од минималните барања во однос на функционирањето на правната држава и со тоа го поткопуваат легитимитетот на ЕУ. Доколку Германија би требало да плаќа повеќе, а што би можел да биде веројатен исход од тековните преговори за долгорочниот буџет на ЕУ, Берлин ќе постави и поголеми барања за поврзаноста на доделените финансиски средства со јакнањето на европските вредности.
Но, прашање е како во таа насока ќе влијаат промените на политичката карта и распоредот на силите по последните ЕУ-избори. Дали и понатаму пресудно влијание ќе го имаат Макрон и Меркел, или пак околу прашањето какви европски вредности ќе бидат промовирани во наредниот период сè поголема политичка трежина ќе добиваат лидери како Матео Салвини и Виктор Орбан?
Не треба да се заборави дека поимот европски вредности е и најважната последица која доаѓа до израз токму во подготовките кои му претходеа на големото „проширување кон Исток“. Оние што верувале дека членството во ЕУ на некаков волшебен начин ќе го избрише наследството во источноевропските земји, означено како долготраен отпор против управување со нив однадвор од страна на големи сили, и ќе придонесе Полјаците и Унгарците (и не само тие) да ги прифатат идеите околу западниот постмодерен мултикултурализам, најчесто поаѓале од поедноставени сфаќања и анализи.
Сè додека ЕУ била клуб на западноевропски нации со заедничко културно наследство, било можно и да се проектираат визии за заеднички вредности. Денес всушност се поставува прашање кој успева да се избори за најистурена позиција за да ги толку тие вредности.
Токму затоа, поради неисполнетите ветувања на ЕУ за почеток на преговорите, многумина односот на Унијата кон Македонија го толкуваат како кон париче за поткусурување во тешките преговори за новите позиционирања и групирања на моќта во ЕУ. Најавените очекувања по болните компромиси што ги направи Македонија, пред сè околу промената на името и редефинирањето на уставот, не беа проследени со брза и недвосмислена потврда на европските перспективи на земјата, туку се добива впечаток дека ЕУ сега успорува правејќи чекор назад зад Северна Македонија и нејзината силна определба за решително зачекорување на европскиот пат. Изјавата на Ангела Меркел дека ќе ја заложи сета своја политичка тежина за одредување датум за почеток на преговрите, сепак не го анулираат целосно горчливиот вкус од недоследноста на ЕУ.
Но тврдите условувања на Македонија со претходно спроведување на сеопфатни реформи, според примерот на ставовите на данските социјалдемократи, не наидуваат на општо одобрување. Во својот дебатен напис во данскиот весник „Берлингске тиденде“, поранешниот министер за надворешни работи на Данска, Уфе Елеман Јенсен, инаку голем поддржувач на Македонија, укажува дека пролонгирањето на датумот би можело да има непредвидливи последици. И тоа не само за малата земја изложена на притисоци. „Туку и за довербата на целиот Балкан дали ЕУ и понатаму стои подготвена да ги исполни многуте ветувања од минатото и да се отвори кон оние кои навистина сакаат да бидат дел од евроспкото семејство“.
Во крајна линија, ако треба да се чека некој со сопствени сили – без помош и солидарна поддршка – да биде „целосно подготвен“ за членството, се поставува прашање каква би била смислата на самиот преговарачки процес. И дали тогаш, всушност, би имало некаква смисла ЕУ да продолжи да се размавнува со примената на својата добро позната политика на – морков и стап.