Новата претседателка на Европската комисија Урусла фон дер Лејен не можеше да ризикува и да дозволи комесарскиот портфељ за проширување и добрососедска политика да ù застане како коска во грлото.
По низата изречени критики преземањето на одговорноста за преговорите околу натамошното ЕУ-прошрување беше истргната од рацете на предложениот унгарски кандидат за еврокомесар.
Таквиот исход, повеќе или помалку, беше најавен и се очекуваше. Кандидатурата на поранешниот унгарски министер за правда Ласло Трошани беше оспорена дури и пред тој да се појави на испрашување во Европскиот парламент. Веројатно унгарскиот премиер Орбан, предложувајќи го својот контроверезен кандидат за наследник на местото на Јоханес Хан, сметал на можен развој што би значел дека Европската комисија и земјите-членки се веќе изморени од критиките насочени кон Будимпешта и поради тоа го олабавуваат притисокот за испитување на демократијата во Унгарија. А токму Трошани се смета за творец на новиот правосуден систем во земјата со кој, според неподелени мислења, беше ограничена независноста и моќта на судството.
Загриженоста на европратениците всушност се фокусира на контактите на Трошани со Русија и ангажманот што го имала неговата адвокатска канцеларија. Како министер за правда Трошани одобрил двајца затворени руски државјани, осомничени за нелегална трговија со оружје, да бидат екстрадирани во Русија наместо во САД, од каде што исто така барале нивна екстрадиција.
Според официјално соопштение на американското Министерство за парвда, Русија по се изгледа ја побарала екстрадицијата на споменатите двајца „за да ги заштити, а не за да покрене обвинение против нив“.
Патем речено, во ноември минатата година, додека сè уште беше министер за правда, ласло Трошани во едно интервју рече дека македонските власти попусто бараат екстрадиција на експремиерот Никола Груевски и дека со тоа што му е одобрен азил, Унгарија признава дека Груевски е жртва на прогон и не може да биде екстрадиран.
Предлогот Трошани да го води ресорот проширување едноставно не помина бидејќи преговорите за членство, без оглед на негативните искуства по приемот на поранешните источноевропски комунистички земји, во добар дел се однесуваат на почитувањето и функционирањето на принципите на правната држава. А што и сега се наметнува како особено важно прашање во пресрет на очекуваното одобрување на датум за почеток на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, кои не се прославија многу со реформските напори во оваа област.
Во последните години голем број ЕУ-членки се загрижени околу начинот на кој земјите зад поранешната Железна завеса, пред сè Полска, Унгарија и Романија, се однесуваат како членки на ЕУ. Истовремено со тоа што инкасираат енормни дотации од европските фондови во Брисел, споревдуваат „реформи“ во правосудството што ја релативизираат важноста на владеењето на правото и не се на линија на неговото јакнење.
Според западните скептични гледишта, ризикот е голем и Албанија и Македонија да бидат примени најблаго речено како исто толку проблематични земји-членки. И двете земји аспиранти се на сличен начин корумпирани како Унгарија, имаат полоши недостатоци во законодавството од Полска и се далеку посиромашни од Романија. Но многумина сепак се приклонуваат кон ставот дека е важно ЕУ да го засили своето присуство во овој „немирен ќош на Европа“. Како што мноугапити е повторено, нема безбедна и стабилна Европа без целиот Балкан да се интегрира во ЕУ.
Ако се погледне картата, како што неодамна рече Ангела Меркел, Европа навистина ќе биде обединета со државите од Западен Балкан. Но германската канцеларка не е едниствениот моќен политичар што ги поддржува западнобалканските евроинтеграции. И Виктор Орбан гледа позитивно на приклучувањето на Западен Балкан кон европското семејство, меѓу другото, и од аспект на ползување на економските предности и засилување на инвестициски активности.
Приемот на источноевропските земји во членството без сомнение претставуваше добар чекор за економијата во ЕУ. Во дванаестте земји што станаа полноправни членки во периодот 2004-2007 година се слева околу 12 проценти од извозот на Германија. Тоа е на исто ниво како и германскиот извоз во Бразил, Русија, Индија и Кина. Извозот на Холандија во земјите од „нова“ Европа преминува 20 милијарди евра, а и во во овој случај е поголем од холандскиот извоз во споменатите четири големи земји. Дванаестте ЕУ-членки купуваат повеќе британски стоки од Кина. Повеќе интеграција придонесува за развој на подинамична трговија и поголема побарувачка на локални стоки и услуги. Таквиот развој поттикнува повисок раст и повеќе работни места, всушност една посилна ЕУ со поголем внатрешен пазар што ја засилува својата подготвеност да се справи со последиците на економските кризи, денес и во иднина. Македонија, сразмерно на својата големина и демокрафските и економските претпоставки, веројатно би можела да ја добие својата шанса во еден таков слободен пазарен систем.
Но едно нешто се чини е повеќе од сигурно. „Заморот од проширување“ нема да покаже знаци на повторно заживување на ентузијамот за прием на нови членки доколку западнобалканските држави не покажат решеност да се стави крај на партократијата и партизираните нефункционални институции, и пред сè да се покаже вистинска грижа за функционирањето на правната држава. Во интересе на сите граѓани, и во интерес на почитувањето на заедничките европски правила и вредности.
Во таква светлина треба да се гледаат и острите критики што беа насочени кон унгарскиот кандидат за еврокомесар за проширување. Моќните ЕУ-членки постојано потенцираат колкаво големо значење имаат функционирањето на демократијата и владеењето на правото. Да се предлага една таква политичка фигура со сомнителен бекграунд, од најблиското опкружување на унгарскиот премиер, би претставувало чиста спротивност на заложбите за демократски развој.
Тоа, всушност, би значело дека од Брисел на партнерските земји во Западен Балкан им се испраќаат – погрешни сигнали. Дека од чекалната пред портите на ЕУ може да се излезе и без поголеми реформски напори и со продолжување на глумење на истите улоги во локалната опскурна политичка менажерија.