ЕУ и статистичката грешка на Мицкоски

Волјата на македонските граѓани е одамна позната. И најмалку би можела да биде сведена на минималистички приказ, дека е изолирана во рамки на некаква статистичка грешка, што ја заговараат оние кои во пресудни моменти се обидуваат да се сокријат зад сомнителни политички идеи и заложби што не оставаат јасни траги во – беспаќе.

2242

Референдумското прашање, во делот во кој директно укажува на деблокирањето на интеграциските процеси на земјата, е јасно поврзано со определбите на мнозинството македонски граѓани за кои членството во ЕУ и НАТО и понатаму претставува приоритет. Според еврокомесарот Хан, тоа е и избор што овозможува да се излезе од изолација и создавање подобри претпоставки за развој. И токму во однос на таквата шанса за исполнување на стратешката цел од осамостојувањето – целосна евроатланска интеграција, лидерот на опозицијата Мицкоски ја редуцираше волјата на избирачите на една најмала група поддржувачи на референдумот, кои се во рамки на статистичка грешка.

Македонија, во географска, историска и културна смисла, природно припаѓа на ЕУ, како пројект на изградба на заедничкиот европски дом и најголем сојуз на демократии во светски рамки. Кај многумина македонски граѓани се евидентно присутни позитивни очекувања од економските реформи и вклучување на земјата во економските текови на ЕУ, и подобрување на животниот стандард, иако на најширок план сознанијата и свеста околу суштината и опфатот на реформите што треба да бидат спроведени за успешно интегрирање во европските механизми на соработка и понатму се на ниско ниво.

Во секој случај, перцепцијата околу членството во ЕУ се пројавува како најсоодветна алтернатива за напуштање на економската заостанатост и нестабилност, но едновремено многу малку се зборува и за тоа како членството всушност практично функционира во еден толку голем и динамичен систем. Тоа е, впрочем, во извесна смисла е и проблем што на различни нивоа и во различен обем е забележлив и пошироко во самата Унија, а кој се доживува како јаз меѓу бирократијата што ги донесува одлуките и граѓаните-избирачи. Многумина ја доживуваат ЕУ како нешто што е мошне оддалечено и тешко да се разбере.

Сепак, уште од самите почетоци на ЕУ трајат и се интензивираат заложбите за поефикасно решавање на заедничките проблеми и предизвици. Во таа смисла, продлабочувањето на европската соработка ги зајакнува и институциите, за разлика од гледиштата што иднината ја засновуваат врз статус-кво, дека ништо не треба да се менува, а што е резултат на погрешно втемелена анализа и претставува потенцијална опасност за иднината на целата Унија.

Токму затоа и се вели дека процесот на проширување на ЕУ не може да биде завршен без да ги вклучи и земјите од непосредното соседство. Тоа посебно се однесува на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја секако и Македонија, кои сè уште имаат долг пат што треба да се изоди до членството во ЕУ, но кои добиваат јасна порака дека нивното членство е важно и пожелно. Алтернативата, што би се состоела од руска доминација, би имала негативно влијание не само врз Балканот, туку и врз целата ЕУ.

Натамошниот развој на демократијата и правната држава во балканските земји треба да добие шанса, со цел тие да се квалификуваат за членство во ЕУ, но без никакви попречни патишта или заобиколници.

Често се истакнува дека не смее да се заборави оти цената би била многу повисока доколку не продолжи процесот на проширување. Во спротивно, денес веројатно би зборувале за поразителни искуства. Доколку ЕУ не ги прифатеше и поддржеше малите прибалтички земји Естонија, Летонија и Литванија, извесно е дека би бил надвиснат ризик од можен развој во кој тие би останале руски држави-сателити, отколку да профункционираат како стабилни и напредни демократии какви што се дене. Не е сосем незамисливо дека, на пример, и развојот во Романија, доколку останеше надвор од европските интеграции, можеше да го принуди Брисел да се соочи со еден сличен развој како во Украина. Геополитичка неизвенсот неретко носи и низа ризици.

Преку дезинформации и пропаганда се прават напори за девалвирање на демократијата и толеранцијата во земјите од Западен Балкан, со напоредно поттикнување на националистичките спротивставености. Важен чекор во спротивна насока е токму јасната амбиција на Брисел да се интензивираат напорите овие земји во догледна иднина да се приклучат кон ЕУ. Поддршката е неопходна за про-европската амбиција да не ја загуби силата пред зачестените манипулации и сомнителни политички маневри што внесуваат несигурност и поделби, и кои прикриено или отворено придонесуваат кон ширење на евро-скепсата.

Се очекува Македонија сега повторно и посигурно да зачекори на европскиот пат, без оглед на фактот дека и понатаму се мошне големи предизвиците во однос на јакнењето на правната држава, медиумските слободи, заштитата на малцинските права и подобрување на односите со соседите. Значи, поддршка добива определбата за соработка против постојаните закани, наместо за создавање на закани преку свесно поттикнување и продлабочување на спротивностите, поделбите и нетрпеливоста.

Да се биде дел од една поголема Европа – е определба што нуди јасна перспектива кон иднината. Токму поради тоа, поради безбедноста и економскиот развој, е формирана ЕУ, а поради што е и понатаму потребна, за да се постигне таа цел. Што би била и како би можела да се дефинира алтернативата на европскиот пат? Без оглед на неговата должина.

Волјата на македонските граѓани е одамна позната. И најмалку би можела да биде сведена на минималистички приказ, дека е изолирана во рамки на некаква статистичка грешка, што ја заговараат оние кои во пресудни моменти се обидуваат да се сокријат зад сомнителни политички идеи и заложби што не оставаат јасни траги во – беспаќе.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...