ЕУ им ја намали помошта на Централноевропските земји

Кастрења Надежта сега е свртена кон Европскиот парламент, кој, според предвидувањата, никогаш нема да ги одобри овие драстични кастрења.

410

Веста не е неочекувана, но сепак предизвикува шокови во некои земји на Централна и од Источна Европа. На земјите како Чешка, Полска и Словачка, според предлогот на Европската комисија, средствата од т.н. Кохезиони фондови во буџетот на Унијата за 2021-2027 година ќе се намалат речиси за една четвртина. Кохезионите фондови, како што е познато, се користат да се изедначи животниот стандард во Унијата, економските перформанси и нивото на инфраструктурата помеѓу богатите и посиромашните региони. Тие претставуваа значаен дел од приходите на ,,новите членки“ на Унијата.

Според предлогот на Комисијата, од кохезионите фондови на новиот буџет, Чешка ќе добие 17,8 милијарди евра. Врз основа на неофицијалните пресметки, Чешка ќе помине најдобро од другите земји, иако средствата се намалени за 24 проценти. За повеќе од 20 проценти се намалени и средствата на останатите земји на т.н. „Вишеградска група“.

– Падот е очекуван, некои скептици очекуваа тој да биде и поголем, но сепак можеме да бидеме задоволни – изјави пратеничката Мирослава Поче, номинирана за местото министер за надворешни работи.

Слично мислење има и државниот секретар за европски работи Алеш Цмелар, кој вели дека, со оглед на економската криза, било јасно дека Чешка ќе добие помалку пари од Европската Унија. Во Прага очекуваат дел од кусокот од овие средства да го надоместат преку растот на домашната економија.

Подобрувањето на положбата на Чешка до конечното усвојување на евро-буџетот, според Поче, ќе биде тешка задача за чешките преговарачи. Надежта сега е свртена кон Европскиот парламент, кој, според предвидувањата, никогаш нема да ги одобри овие драстични кастрења. А без одобрување на Европарламентот, буџетот не може да стапи во сила.

И други високи функционери на Чешка го отфрлаат и го критикуваат ова драстично смалување на средства од Европската Унија.

– Овие средства се неопходни за кохезија на Европската Унија – велат во чешката влада. Тука уште се забележува дека додека источниот дел на Унијата плаче, оние на југот можат да слават: тие се развиваат многу полошо од Централна и Источна Европа и затоа им се придодаваат евра. Така, Грција, Романија и Бугарија – ќе добијат по 8 проценти повеќе, но и Италија и Шпанија, каде што порастот на средствата од Кохезиониот фонд изнесува 6 отсто.

Во извештаите од Стразбур овде како една од причините за намалувањето на средствата од Кохезиониот фонд се наведува дека се издвојуваат 35 милијарди евра за решавање на миграцијата и заштита на границите. Намалувањето на средствата се поврзува и како своевидна казна во сферата на ,,владеењето на правото“. Можеби постојат проблеми со Полска и со Унгарија. Меѓутоа, според зборовите на чешкиот премиер Андреј Бабиш, Чешка нема такви проблеми.

 

Кохезионен фонд
Скратена поддршка Зголемени средства
Чешка 24% Грција 8%
Унгарија 24% Романија 8%
Литванија 24% Бугарија 8%
Естонија 24% Италија 6%
Малта 24% Шпанија 5%
Полска 23% Финска 5%
Словачка 22%
Германија 21%

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...