ЕУ е надеж и за попречените лица

Сосема е јасно, барем би требало недвосмислено да биде, дека и покрај успешното завршување на преговорите околу сите поглавја, без темелно реформирање на свеста на населението која било земја, па и Македонија, тешко може да се интегрира во систем на вредности што функционира.

171

„И јас да сум роден таму (во Македонија) би седел во некој ќош“, рече деновиве на прес-конференција во Стразбур Давид Лега од редовите на шведските демохристијани, кој пролетоска беше избран за пратеник во Европскиот парламент по повеќегодишната функција што ја имаше како општински советник во Гетеборг и успешен параплегичар со повеќе златни медали на светски и европски првенства во пливање.

Давид Лега се осврна на состојбите во Македонија поврзани со третманот на инвалидизирани лица со физички оштетувања и попречености, укажувајќи дека на тоа прашање треба да му се посвети сериозно внимание, имајќи предвид дека Македонија се надева да добие зелено светло во октомври за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Токму во врска со надежите за ЕУ, смета Лега, кој е роден со парализирани раце и му недостасувале мускули на нозете, фокусот треба да се насочи и кон луѓето кои страдаат од попреченост и се изложени на дискриминација.

Давид Лега, кој наскоро ќе патува во посета на Македонија, на почетокот на октомври, се согласува дека скептицизмот во некои ЕУ-членки околу евроинтеграциските перспективи на Македонија во преден план е поврзан со критиките во односн на борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и со загриженоста од засилувањето на иселенички бранови од земјата кон Западна Европа, но едновремено би требало да се посвети поголемо внимание и на извештаите од македонските домови за лица со разни видови попреченост и од институциите за психички болни.

На средбата со новинарите шведскиот европратеник зборуваше за извештаи за кои рече дека содржат слики што потсетуваат на состојбите во Романија во 1980-тите години, со врзани пациенти и речиси целосно руинирани институции, а што секако предизвикува остри реакции.

Во февруари годинава шведскиот весник „Гетеборг-постен“ објави серија написи со фотографии од „мизеријата“ во која се принудени да живеат лица со попреченост во Специјалниот завод „Демир Капија“. Секој што ги прочитал тие написи сигурно почувствувал силен горчлив вкус во грлото, читајќи го описот на нехуманите страшни услови во споменатиот завод. Инаку, посетата на „Гетеборг-постен“ на Демир Капија е иницирана од страна на Сабина Грубесон, основач на шведската хуманитарна фондација „Лоза фондејшн“. Грубесон, кај има и македонско потекло, во последниве години развива широки хуманитарни активности во Македонија преку проекти што ги реализира нејзината фондација.

Многумина читатели на „Гетеборг-постен“ реагираа со писма во кои поставуваат прашања како е можно некој да живее во такви екстремно мизерни услови во денешна Европа. Сабина Грубесон сепак изразува надеж пред иднината: „Многу мали поточиња и повеќе форми на соработка ќе се слеат и водат кон подобрување на условите за одделни лица во тешка состојба во Македонија, краткорочно, но и за целото општетство во долгорочна преспектива“.

Шведската новинарска екипа даде свое објаснување зошто ги објавиле сликите од, „мизеријата на Европа“, односно „од една Европа за која не верувале дека постои“. Или во секој случај не сакале да веруваат дека постои, изразувајќи едновремено уверување дека никој што ќе ги види условите и пациентите во Специјалниот завод во Демир Капија не би можел да остане нетрогнат. Да се објават такви фотографии „не беше воопшто лесна одлука“, но како медиум сепак „го ставивме нарушувањето на личен интегритет на пациентите наспроти значењето да ѝ го покажеме на јавноста страшниот третман што се принудени да го издржат“. Бидејќи, ако се покажат фактичките состојби, можеби промените ќе се случат побрзо и „овие злосторства против човековите права“ ќе престанат.

Во еден поширок контекст околу оваа проблематика треба да се спомене дека кохезивната политика на ЕУ се темели врз поддршка на социјалната инклузивност на поранливите категории граѓани и тоа пред сѐ лица со функционална попреченост, како и ниско образованите, имигрантите и етничките малцинства. Станува збор за политика што се базира врз Европската 2020-стратегија чија цел е подобрување на условите на најмалку 20 милиони луѓе, на кои треба да им се помогне да се извлечат од ризичната зона на сиромаштијата.

Социјалниот инвестициски пакет на ЕУ ги опишува реформите што се неопходни во земјите-членки за да се изгради една поадекватна и одржлива социјална политика преку инвестирање во човечките вештини и компетенции, а при што никој нема да биде отфрлен од општеството и стигматизиран да ја носи својата судбина на аутсајдер.

Давид Лега, кој најави дека наскоро ќе ја сретне министерката за труд и социјална политика Царовска, е строг во своите оценки и нагласува дека сака самиот да направи увид во фактичките состојби. „Нема да гласам за членството на Северна Македонија во Унијата и нема никаква шанса да го сменам мислењето доколку во земјата не се смени политиката, што ќе значи да се задоволат елемнетарните права на сопствените граѓани“. Потребен е, значи, и се очекува позитивен развој и евидентно подобрување на состојбите. Неопходно е да се овозможи секој да покаже со колкава движеча сила располага. Неуспех за општеството, како што вели Лега, е да ги отфрла своите граѓани, бидејќи „и јас да бев роден таму, ќе бев оставен во некој агол“.

Добивањето датум за преговори без сомнение има голема симболична вредност за повеќедецениските стремежи на Македонија да се приклучи кон европското семејство на демократии. Но, сепак, сосема е јасно, барем би требало недвосмислено да биде, дека и покрај успешното завршување на преговорите околу сите поглавја, без темелно реформирање на свеста на населението која било земја, па и Македонија, тешко може да се интегрира во систем на вредности што функционира.

А во тој систем особено има значење свеста за еднаквата вредност на луѓето. Свест за еднаквост и рамноправност што ќе озвозможи да се изгради похумано општетство. Похумано и поправдено за сите – без исклучок.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...