ЕУ го прегрнува Балканот – од дистанца

Денес во западните ЕУ-членки се зборува за променети околности и состојби, со сосема поинаква слика за реалноста во однос на геополитичките случувања и промени.

738

Тежок маратон до Брисел и понатаму ги чека земјите од Западен Балкан во нивното доближување до ЕУ. Вчерашниот самит ЕУ-Западен Балкан, на кој ЕУ-лидерите сепак фокусот во разговорите го ставија на сосема други прашања отколку на проширувањето и приемот на нови членки, заврши со разорачарувања. „Мораме да бидеме јасни дека критериумите мора да бидат исполнети“, порача од Софија шведскиот премиер Стефан Ловен, но, како и многумина други негови колеги, не сакаше да зборува кога би можело да се очекува, во која година, приемот на балканските земји во полноправно членство.

Едно е сигурно. Сите балкански лидери се надеваа по самитот во Софија да можат да ѝ соопштат на својата домашна јавност дека е напаравен значаен чекор на патот кон ЕУ-членството. Но, идното ЕУ-членство, како што се оценува во коментарите во скандинавскиот печат, воопшто не се ни споменува во Софиската декларација, освен дека во неа се укажува на самитот во Солун во 2003 година, кога стремежот на балканските земји за зачленување во ЕУ беше формално признанен.

Солунскиот самит се одржа пред една и пол деценија, кога големи делови од Балканот сѐ уште беа руинирани по годините на крвави војни и разурнувања во регионот. На Западот се верувае дека заедничкиот сон за членство во ЕУ би можел да ги одврати поранешните непријатели од поттикнување нови меѓусебни војни. Едновремено, во ЕУ-членките во тој период постоеше јасно изразена готовност и волја да се поканат кревките и нестабилни балкански земји во сигурноста на европската заедница.

Денес во западните ЕУ-членки се зборува за променети околности и состојби, со сосема поинаква слика за реалноста во однос на геополитичките случувања и промени. Пред петанаест години сѐ уште не беше прогласена самостојноста на Косово од Србија, која не ја признаваат пет од 28-те ЕУ-членки. Пред една и пол деценија ЕУ сѐ уште не беше зафатена со длабока финансиска криза, што го намали расположението и кај жителите на Унијата за прием на шест нови членки, кои и понатаму се мошне сиромашни и девастирани. Земјите од Западен Балкан во 2003 година не беа ниту транзитни земји за стотици илјади мигранти од кризните подрачја на Блискиот Исток и во Африка, упатени кон ЕУ. Во текот на 2015 година, кога мигрантската криза кулминираше, само во Србија беа регистрирани околу 650.000 мигранти во транзит, мнозинтвото од нив од Сирија, Авганистан и Ирак. Малку е веројатно дека ЕУ-членките што се противат на натамошно прифаќање на нови мигрантски бранови, би се согласиле да ги отстранат своите гранични контроли кон земјите од Југоисточна Европа, токму во насоката на движење на мигрантските рути.

Судејќи, значи, според вчерашната атмосфера во Софија, ЕУ-лидерите се чини се посветени на сосема други прашања отколку на западно-балканските ЕУ-соништа. Таквиот фокус на Софискиот самит, всушност, најмногу го наметна Доналд Трамп со својата минатонеделна одлука да се повлече од меѓународната нуклеарна спогодба со Иран, како и неговите закани дека ќе бидат казнети европските земји што ќе продолжат да соработуваат со исламистичката држава.

Потезите што ги влече Трамп на меѓународната политичка сцена неминовно се наметнаа како голема тема за разговор меѓу ЕУ-лидерите. Балканот повторно се најде во втор план, како и обично со ветувања за ЕУ-пари што не предизвикуваат посебни контроверзи – за поддршка за подобра инфраструктура, нови аеродроми и автопатишта.

Но зборовите „ЕУ-членство“ и „проширување“ целосно се изоставени од Софиската декларација. „Големо разочарување за сите што зборуваат за надежи“, се забележува во редакцискиот осврт на „Свенска дагбладет“.

Балканските позиции во бриселскиот маратон позначајно не се сменија по европскиот самит во Софија. Но за волја на вистината, понекогаш се слушаат и мошне нејсни пораки од страна на балканските лидери, што збунуваат и ги доведуваат луѓето во недоумица, да се прашуваат што всушност владите во регионот сакаат – дали се за или се против ЕУ.

Дел од ЕУ-лидерите беа отворени во своите изјави од Софија, како, на пример, данскиот премиер Ларс Локе Расмусен, кој без заобиколување рече дека балканските земји не се подготвени за ЕУ. Наместо да се дозволи натамошно зголемување на ЕУ-буџетот, Унијата пред сѐ мора да се посвети на одбрана на своите темелни вредности. Најважно е – во Европа и пошироко во светот – еден силен актер да застане на страна на демократијата, заштитата на човековите права и унапредувањето на трговијата за поттикнување на економскиот развој, како основа на мирот и стабилноста. Веројатно никој не располага со подобри претпоставки за тоа од ЕУ.

А дали ќе има некаков нов балкански исчекор наредниот период, ќе може да се види во првата наредна пригода, односно во текот на пролетта 2020 година кога Хрватска ќе се обиде да организира нов самит со Западен Балкан.

Во секој случај, дотогаш прегратката на Брисел ќе остане отворена, иако на добро одмерена и сигурна дистанца.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...