Алфред Хичкок, еден од веројатно најголемите режисери во историјата на филмот во светски рамки, во неговите филмови имаше едно златно правило: ако во еден кадар се појави некакво оружје (пиштол, пушка, нож …), тоа оружје во некој нареден кадар ќе изврши убиство! И од тоа правило никогаш не отстапи. Ова колку за оној смртоносен отров во „ОХИС“ којшто, дури сега гледаме, сѐ уште го има и кога-тогаш – ќе пукне.
Зошто? Затоа што сигурно не е само тој што сега го најдоа, затоа што сигурно има уште многу такви и слични потенцијални бомби складирани во тој фантомски објект. Сите имавме некакви симпатии кон т.н. охисовци кога протестираа пред Владата за заостанатите плати и други принадлежности. Но, никој од нив не знаеше што сѐ таму нѐ чека во заседа, никој ни да гукне за опасностите што демнат од нивните складишта? Немал тој „ОХИС“ раководни лица, директори и други идиоти кои примале големи плати, а кои морале некаде да соопштат што сѐ има таму и какви потенцијални опасности се кријат од јавноста? И ќе има ли одговорност за некого, од старите, ама и од новиве? Тоа ли е професионалната етика на тие вработени? И не мислам тука на оние кои и вчера протестираа, туку за нивните надредени кои, како и обично, се кријат. И, апропо, оној „мустаќестиот“ божем еколог, иако тоа му е во опис и попис на работите, немал појма ни за ова, нели, па ниту за таа неука „фирма“ што се врткала низ објектот на „ОХИС“? И ова не се само етички прашања, туку и најургентни политички и кривични прашања!
Уште еднаш апропо, но не сум сигурен колку денешната власт има сознанија и за сите други темпираните „бомби“ во вид на перјаници на бившиот режим скриени низ канцелариите на јавната администрација, а кои само чекаат погоден миг за дејствување. Едни такви ги видовме на протестот на културните работници (СКРМ) и ги препознавме сите тврдокорни кои верно му служеа на режимот, ја урнисуваа „Општина Центар“, изигруваа капои во институциите, а сега ги користат сите прилики као демократски да протестираат против оваа власт. И такви сцени допрва ќе гледаме, такви административни глувци ќе играат квазидемократски ора пред и во институциите и ќе бидат скриеното оружје на Хичкок. И тоа е впрочем уште еден пример на отсуство на професионална етика на македонската администрација, онаа непроветрена, непрочистена, недиференцирана администрација (за која ќе пишувам понатаму), а која е главната темпирана бомба – некои ја викаат и петта колона – контра оваа власт. Ама изгледа тоа никој не го гледа!
И по третпат апропо, односно изгледа дека најавите за менување на Законот за јавни собири во насоката на нивно ограничување беа вистинити, што ќе беше уште еден неетичен и буквално самоубиствен потег на оваа власт. И тоа пред избори! А не ќе беше прв, а изгледа ниту последен. И самиот стопати сум пцуел кога патот ме водел покрај „Белата шампита“, а таму – полиција ја затворила улицата заради нечии „протести“ од десетина луѓе. Меѓу другите и на оние охисовци. Но да ми понуди некој да ставам потпис под таков закон, би одбил. Ако не повеќе тогаш токму заради етички причини коишто особено оваа власт мораше да ги има предвид уште на стартот, со оглед на патот/начинот преку којшто дојде на власт. Впрочем, таа мерка е и ограничување на основното човеково право на протест, што ќе рече крајно непопуларна и неетичка мерка за една демократска власт! Сепак, повлекувањето на предлогот упатува дека или проработела етичката компонента или притисокот од јавноста бил пресуден.
И бидејќи и минатиот пат посочив на некои аспекти на етичноста на политиката/власта, токму во горниот контекст треба да се укаже и на следното: политиката често е исправена пред крупни, историски дилеми коишто мораат да се разрешат дури и свесно на неетички начин. И тука не спаѓа само прашањето на војната и/или мирот – зашто војната самата по себе е неетичка – туку и проблеми за кои што можеби, во даден миг, не сте ни сонувале дека ќе ви паднат врз главата. А ние сме жив пример за тоа односно македонско-грчкиот „Преспански договор“, па и договорот за добрососедство со Бугарија се такви примери или таканаречени „Волцерови парадокси“ (според американскиот теоретичар Michael Walzer), кога е неизбежна примената на Макијавелистичката теза за средствата и целта, односно за „чинењето лошо за да се направи добро“ (според Walzer)!
„Преспанскиот договор“ е типичен пример за тоа зашто е во основа неетичен договор, но едновремено неопходен, единствен начин да се премости спорот со Грција и да се отвори патот на Македонија кон ЕУ интеграциите. Не секој политичар е толку смел и подготвен на таков историски ризик – со еден потег да го смени името на државата. Но, ако пред него ја гледа повисоката цел, цел што ги исполнува вековните надежи, очекувањата на сегашните и особено идните генерации, ако таа цел е стабилна и демократска држава во поширокото демократско семејство … тогаш таквиот етички (и секаков друг ризик) се исплатува! Некој тоа би го нарекол и етичко самоубиство, но и тоа повторно зависи од аголот на гледање. Во нашиот случај, со недобивањето на датум за преговори и покрај ветувањата на надлежните во ЕУ, етичкото може да премине и во политичко „самоубиство“ на оваа власт. Но тоа само на кратки патеки, зашто во суштина историјата не може а да не го согледа поширокиот контекст на овој навидум ризичен потег.
Се разбира, ова прашање, како и многу други од таков опфат, има уште многу интересни аспекти, но би рекол дека првенствено е етичко прашање коешто, на наша среќа, беше разрешено на најдобар начин. Тука, секако, не ги заборавам и сите последователни политички „игри“ што се случуваа во Собранието заради обезбедувањето на потребното мнозинство за промена на Уставот односно спроведувањето на „Преспанскиот договор“, коишто во основа, повторно, беа тешки етички прашања коишто не секој би бил подготвен да ги игра. Иако сите кои гледавме од страна често бевме констернирани од начините на коишто беше обезбедувано тоа парламентарно мнозинство. Можеби (и) заради тоа моменталниот статус кво со недобивањето на ветениот датум за започнување на преговорите со ЕУ потешко ни паѓа. Но и тоа е дебело етичко прашање во високата политика: неисполнување на ветувањата, овојпат од најодговорните европски претставници!
Оттука, повторно, и она со ограничувањето на правото на протести на оваа власт за мене е етички парадокс. Особено заради тоа што токму таа дојде на оваа позиција на крилјата на граѓанските протести и се бунеше заради потенцијалните мерки за ограничување на тоа право. Или, ако сакате, ограничувањето на правото на протести не е справување со некаква историска шанса за македонскиот народ, не е вековен стремеж, не е идеал на овие генерации па некој сега да се зафати со тоа во интерес на некакви повисоки цели. Такви, едноставно, во овој „случај“ нема и добро е што власта се премисли за тој потег. Има за решавање, дури и радикално, многу други проблеми. Ако не ги знаат, има кој ќе им ги каже.
Извор: Теодосиевски уметност