Македонија функционира по инерција. Како кола со расипан мотор и без кочници, пуштена низбрдо. Се движи шантраво и без контрола. Ниту може да се управува, ниту да прикочува.
Во неа качени сите ние, во надеж дека некакво чудо ќе направи моторот да проработи, а кочниците да почнат да кочат. Сами од себе. Иако сме свесни дека тоа е невозможно, дека е потребен ремонт.
А ремонт се прави откако колата ќе се паркира во гаража и ќе се расклопи, а не во фаза на возење. И откако ќе се расклопи и поправи, ќе треба да им се отстапи на фиљан луѓе кои ќе знаат да ја управуваат и да ја чуваат исправна, а не на параспури и на ебиветри. И не на ликови кои ни ја навредуваат интелигенцијата. Оти такви се изнагледавме три децении.
Еснаф луѓе, мудри и разумни ни требаат. Луѓе спремни да направат остри резови, без калкулации и без премислувања.
Ни требаат луѓе чесни и честити. Луѓе на кои ниту функцијата, ниту парата не можат да им ги одземат скромноста и алтруизмот, луѓе без комплекси кои цврсто газат на земја и веруваат во идеали. Луѓе кои откако ќе се пензионираат ќе одат да си ја работат бавчата во село, а не да се возат на јахтата во Егеј.
(ФБ статус на авторот)