Илјадници граѓани во Албанија на денешниот протест организиран од здружената опозиција предводена од лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, побараа оставка од министерот за внатрешни работи Фатмир Џафај, кого го обвинија дека се ставил во заштита на неговиот брат, кој пред извесно време беше уапсен за трговија со дрога.
Во еден момент, како што јавува Алсат, дојде до ескалација на ситуацијата при што се повредени единаесет полицајци и уредникот на весникот Рилиндја Демократике. Првите инциденти се регистрираа пред владата, додека толпата се упатуваше кон министерството за внатрешни работи. Неколку демонстранти кон полицијата фрлаа факели и други предмети. Објектите на владата и МВР се офарбани со црна боја која ја фрлаа демонстрантите.
Љуљзим Баша во неговиот говор рече дека денешниот протест е доказ дека Албанците веќе на ја сакаат владата на Рама. Баша рече дека Албанија има само еден пат, патот кон западот и членството во ЕУ.
„Нашите заложби не се борба за власт, туку тоа се напори на народот против деструктивниот владетел. Нашите заложби се борба меѓу доброто и злото, битка на луѓето кои ја сакаат правдата и тие кои ја киднапираа правдата. Во овие последни 30 години, нашето политичко патување било полно со падови и подеми. Ние денес не бараме едноставно смена на власта, туку одвојување на политиката од криминалот, корупцијата и злото“, изјави Љуљзим Баша, лидер на Демократската партија .
Додека пред министерството се одвиваше протестот, министерот Фатмир Џафај остана во неговиот кабинет и не сакаше да даде изјава за медиумите. А премиерот Еди Рама реагираше преку Фејсбук каде им се заблагодари на граѓаните кои не учествуваа на протестот кој и наштетува на Албанија.