Деновиве ми беше одржана политичка лекција од некои прекрасни пријателки за тоа колку ние, мажите во Македонија, не ја разбираме привлечната моќ на Ципрас меѓу македонскиот женски свет.
А сè почна како опуштен вечерен разговор за ова-она во едно скопско кафуле… Меѓутоа, од минута во минута, ситуацијата неочекувано ескалира!
Прво, според нивните сеопфатни, ненаучни статистички мерења, барем 85 отсто од македонската етничка женска популација на социјалните мрежи во Македонија покажува нагласена восхитеност од Ципрас: „По Фејсбук фрчат срциња и бакнежи за Ципрас како за никој друг!“
Чекајте, велам, имаме и ние некои политички фигури за натпревар, паметам времиња, пред да се измислат социјалните мрежи, кога се тврдеше дека на Бранко Црвенковски по изборните митинзи некои жени му фрлаа прслучиња на бините…
„Ах – велат – ништо не разбираш за жените и политиката…“
Признавам. Не разбирам. Не се први што ми го рекле тоа. Ама беа решени да ме научат…
„Во харизмата на Бранко имаше традиционалистички, мачо-концепт за тоа што претставува балканскиот маж, кој нуди сигурност и моќ, сексуална потентност, женска вљубеност низ подреденост… Кај Ципрас тоа е сосема различно: тој е привлечен, но не примарно сексуално. Во него жените гледаат атракција кон слободата, а не низ зависноста… Ете, симболички, мислиш дека е случајно што не носи вратоврска? Па, и самиот долго живее со својата жена, иако не се венчани…“
Хмммм… Го разлабавувам јазолот на вратоврската, нарачувам нова тура еспреса. Лекцијата продолжува…
„Не е тоа агапе – љубов, на грчки, толку и јас разбирам – туку поинаку квалификувана, интимна, романтична љубов. И кај Фројд, Еросот – наспроти инстинктот на смртта, Танатосот – претставува ‘хармонија меѓу луѓето’, потпрена врз соработка и взаемно разбирање. Има во тоа и сексуална содржина, Фројдовиот инстинкт за живот, но таа не е доминантна. Она што доминира е рамноправноста, почитта, љубезноста, комбинирана со цврстина, со пригушена сексуална атракција!“
Ухаааа… Полека! Ова бара кисела вода! „Дете, дај и кибла со мраз…“ Па продолжуваме…
„Ципрас ти е една современа комбинација од времињата на Сократ и Платон, каде мудроста ја победува сексуалноста, една врвна старогрчка еротика!“
Сократ?! Кај го најдоа сега него… Тој признаваше дека единственото што го знае е „уметноста на љубовта“, особено кон млади и убави момчиња… Што има врска тоа со балканскава политика и Ципрас?!
„Ципрас е симбол за победа НАД балканската политика! Тој е политичар на 21-от век! Овие нашиве се мачо-маскоти, желни за доминација, пари и горделивост, натопени во декаденцијата што ти ја дава голата моќ на владеењето! Еве, на пример, Мијалков…“
Чекајте, аман, не со тие куршуми! Дете, дај по еден џејмисон… А Заев?
„Заев ја нема софистицираноста на Ципрас. Ма, Заев делува храбро, искрено и простодушно – кај Ципрас има и интелигенција и цврст вредносен систем зад тоа што го зборува… Бунтовник со јасна програма! А и вешто, во оној грчки базен полн со крокодили… Ципрас е да го грабнеш и дома да го носиш, ама полека, во сто нијанси на сиво!“
Тука станав, џитнав во една голтка што ми остана во чашата, одбив да ја делиме сметката – „Балкански мачо!“, ми довикнаа со симпатија – и си заминав…
* * *
Знам барем за неколкумина овдешни повозрасни сограѓани (не само Егејци!) кои се расплакале слушајќи го говорот на Ципрас во Грчкиот парламент. Мислеле дека ќе умрат и дека нема никогаш да доживеат некој грчки политичар, а не па премиер, така топло и искрено да зборува за Македонците, северни, нивните соседи и сограѓани.
Тој наратив го знам. Но, признавам, од пријателкиве бев начекан политички неподготвен… Можеби се во право оние кои тврдат дека со Преспанскиов договор навистина ќе ни се смени идентитетот!?
Извор: Цивил медиа