Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека го замолил рускиот претседател Владимир Путин да отстапи во Сирија и да ја пушти турската војска сама да се справи со сириските владини сили.
Тој кажа дека по неговата најава дека ќе ја отвори границата за бегалците кон Европа, 18.000 мигранти веќе ја минале границата кон Грција и дека оваа бројка ќе расте, пренесоа британските медиуми.
– Нема да ја затвориме вратата за бегалците. Европската унија мора да ги исполнува ветувањата – рече Ердоган во говор во Истанбул.
Американските медиуми наведуваат дека одлуката на Ердоган да ја отвори границата по загинувањето на 33 турски војници во Идлиб, соседна Грција ја гледа како обид за извршување притисок врз европските земји.
На границата меѓу Турција и Грција втор ден по ред грчките полицајци употребуваат солзавец против мигрантите, кои ги напаѓаат со камења.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов утринава од Пловдив истакна дека на турско-бугарската граница е мирно и дека засега нема ниту еден обид за илегално минување од страна на мигрантите. Бугарските власти вчера соопштија дека на границата ќе распоредат дополнителни 1.000 припадници на полициата и војската.