Ердоган го обвини Израел за тероризам

107
ФОТО: EPA / ERDEM SAHIN

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го обвини Израел за тероризам, откако канцеларијата на турската новинска агенција Анадолија во Појасот Газа беше уништена за време на конфликтот меѓу израелските сили и палестинските екстремисти, пишува „Гардијан“.

Борбите продолжуваат повеќе од 24 часа. Преку 450 проектили беа истрелани од Појасот Газа во Израел, а израелската армија порази повеќе од 200 цели во Газа. Најмалку двајца Израелци и осум Палестинци загинаа. Премиерот Бенјамин Нетанјаху и нареди на армијата да ги засили нападите.

– Остро го осудуваме израелскиот напад врз канцеларијата на агенцијата Анадолија во Газа – напиша Ердоган на Твитер.

Тој се закани дека Турција и Анадолија ќе продолжат „да го информираат светот за израелскиот тероризам и злосторствата во Газа и во другите делови на Палестина и покрај овие напади“.

Израелската армија соопшти дека во саботата бомбардирала зграда во Газа, во која имало канцеларии на военото разузнавање на Хамас.

ФОТО: EPA / ERDEM SAHIN

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...