Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП) кој се одржува во Хелсинки веројатно неволно се „дружи“ и со избрканите сопартијци Никола Тодоров и Емилија Александрова, како и разрешениот заменик генерален секретар Петар Богојевски од редовите на реформаторите.
Функционери од ВМРО-ДПМНЕ за Плусинфо потврдуваат дека првпат на Конгрес на ЕПП се поканети две паралелни делегации од партијата. Првата делегација, која по функција е поканета е таа предводена од претседателот Мицкоски, потпретседателот Александар Николовски, секретарот за меѓународна политика Владимир Ѓорчев, и советникот на Мицкоски за меѓународна политика, Тимчо Муцунски.
Пратеничката Даниела Рангелова, пак, која неодамна си поднесе оставка од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, според наши информации, иако била поканета не заминала на Конгресот на ЕПП поради лични причини. Во Хелсинки иако поканет не заминал ниту разрешениот член на Извршниот комитет, Костадин Богданов.
Впечатливо е дека претседателот на ЕПП Жозев Доли испратил лични покани за присуство на Конгресот до избрканите и разрешените членови од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата за Плусинфо брифираат дека поканата и присуството на Конгресот на разрешените партиски членови е јасна порака од сестринската ЕПП за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, за тоа во која насока треба да се движи партијата и кому ЕПП всушност дава поддршка. Информациите се дека избрканите и разрешените ќе имаат битни средби во Хелсинки, бидејќи на Конгресот присуствува европскиот политички крем на десните партии.
Пред заминувањето во Хелсинки, раководството на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и Николовски за медиумите порачаа дека со самата покана на Конгресот на ЕПП ја имаат поддршката од најголемата десничарска партија во Европскиот парламент.
Мицкоски ќе учествува и на Самитот на лидери на ЕПП на кој учествуваат премиери и шефови на опозиција од членките на ЕПП, на кој ќе оствари неколку работни средби и состаноци со негови колеги, соопшти партијата.