Европската народна партија (ЕПП) донесе резолуција синоќа на собир во Загреб за зајакнување на европската перспектива на Југоисточна Европа.
Документот, предложен од Хрватската демократска заедница (ХДЗ), ги повикува европските институции и земјите-членки да ги почнат преговорите за пристапување со Скопје и Тирана што е можно поскоро.
Документот, исто така, повикува да се охрабрат реформите во Србија, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и во Косово, така што тие земји ќе ги исполнат критериумите за влез во Унијата што е можно поскоро.
На првиот ден од Конгресот во Загреб, големо внимание беше посветено на проширувањето на ЕУ, а водечките луѓе од ЕПП ја критикуваа блокадата за започнување преговори со Северна Македонија и Албанија.
Хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ Андреј Пленковиќ претходно изјави дека за време на хрватското претседателство со ЕУ во првата половина на следната година, еден од приоритетите ќе биде европската перспектива на земјите од регионот, а во тој контекст самит на лидерите на ЕУ и Западен Балкан ќе се одржи во мај во Загреб.