Гордана Силјановска Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река денеска ја почнуваат кампањата за шестите претседателски избори.
Кампањата на Силјановска-Давкова, која е претседателски кандидадат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата почнува од Охрид, претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Пендаровски ќе го стартува своето претставување пред гласачите во Прилеп, а Река, претседателскиот кандидат на Алијанса на Албанците и движењето Беса од Скопје.
Кампањата за претседателски избори ќе трае до 19 април, по што следува 24-часовен изборен молк, пред денот на гласањето.
Според најавите од изборните штабови, кандидатите ќе ги посетат речиси сите населени места, ќе имат средби со граѓани и митинзи во поголемите градови. Ветуваат мирна и фер кампања.
На еден ден пред официјалниот старт на кампањата, кандидатите за нов шеф на државата во просториите на Државната изборна комисија потпишаа Кодекс за фер и демократски избори.
Апели за фер и коректна претседателска трка и регуларни избори до кандидатите, политичките партии и граѓаните упатија меѓународната заедница, државните претставници и ДИК.
Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.
Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) ќе ги покрива претседателските избори со 279 краткорочни и долгорочни набљудувачи. Тие ќе работат во девет тимови по двајца, кои ќе бидат распоредени низ целата на територија на земјата. На денот на изборите набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР ќе ги здружи сили со делегациите на парламентарните собранија на ОБСЕ и Советот на Европа.
Новиот претседател ќе можат да го изберат 1.808.131 граѓани со право глас запишани во Избирачкиот список.
На претседателските избори, своето право на глас во странство ќе можат да го остварат вкупно 1.782 граѓани во 32 Дипломатско – конзуларни претставништва и конзуларни канцеларии на Република Северна Македонија во странство.
Според извршената жрепка на ДИК, на гласачкоот ливче Река ќе биде под реден број еден, Силјановска – Давкова под број два, а Пендаровски под број три.
Според македонскитe закони, кандидатот за претседател може да победи во прв круг доколку освои над 50 отсто од гласовите на сите регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Во спротивен случај ќе се одржи втор круг на 5 мај во кој ќе се натпреваруваат двајцата кандидати со најмногу гласови од првиот круг. Одѕивот во вториот круг треба да биде над 40 отсто за гласањето да се смета за важечко.
Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова е редовна професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ по уставно право и политички систем. Силјановска била министерка без ресор во Владата на РМ од 1992 до 1994 година, кога премиер беше Бранко Црвенковски, експерт во Женевската група за заштита на човековите права и слободи и експерт во Обединетите наци.
Кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски по втор пат учествува во претседателска трка. Тој на претходните избори изгуби од претседателот Ѓорге Иванов. Пендаровски бил советник за национална безбедност на претседателот на државата, претседател на Државната изборна комисија, советник за надворешна политика на претседателот, а сега е национален координатор за НАТО.
Професорот Блерим Река, кој е поддржан од Алијанса на Албанците и движењето Беса, долг период е редовен професор на Универзитетот на Југоисточна Европа на Универзитетот во Приштина. Од 2006 година до 2010 беше амбасадор на Македонија во ЕУ. Тој дипломирал на Универзитетот во Приштина. Во 2002 добил титула доктор по меѓународно право.
Мандатот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов завршува на 12 мај 2019 година.
Ова се првите избори по стапување во сила на Преспанскиот договор, со кој е решен спорот за името помеѓу Македонија и Грција и земјата го доби името Република Северна Македонија.
На 21 април во земјава покрај претседателските избори ќе се одржат и предвремени избори за градоначалници на општините Охрид, Ново Село и Дебар.