Правниците во компаниите се најпотребните, а наjмалку омилените кадри, веројатно поради самата ограничувачка природа на правото како вештачка творба, измислена од луѓето, како општествени битија, за да се создаде ред наместо хаос и за да се уреди начинот на однесување и постапување во општеството. И разбирливо е зошто е тоа така…правниците се лицата кои треба да ги држат работите во една рамка, а тоа е правната рамка, и да не дозволат тие да избегаат од таквата рамка, во услови кога бизнис-интересите и желбата за што поголем профит често пати лесно може да ја пречекорат таквата рамка… Кога некоја цел е ограничена со нешто, тоа е често проблем. Но, кога станува збор за правните прописи, поголем проблем е тие да не се испочитуваат, заради правните последици кои потоа би произлегле од тоа.
Имајќи го предвид фактот дека законите, како што веќе потенцирав, се човечка творба, која и не мора да биде толку ограничувачка, несомнено е дека мајсторијата на успехот при „правењето на законите“ е да се соберат сите, условно кажано, спротивствени страни, да седнат и да направат консензус по однос на разликите, со цел да се дојде до правилата кои ќе бидат применливи и јасни за сите. Значи, постапката за подготовка на законите не е нешто што доаѓа природно, само по себе. Дури и во услови на детално регулирана постапка за подготовка на законите, се прават отстапки, а причината за тоа не е секогаш намерата некој да се исклучи од процесот, туку најчесто станува збор за кратки рокови, недостаток на информација за сите засегнати страни кои треба да се вкучат во процесот, но исто така и пасивност на другата страна односно на страната која треба да биде консултирана. Оттука, рецептот за правење квалитетни закони воопшто не е лесен.
Ако прашањето за подготовка на законите, подзаконските акти и целокупната регулатива која има импликации врз работењето на деловните субјекти го разгледаме од аспект на можноста за подобрување на постојниот систем на консултации, ќе дојдеме до заклучок дека тоа би требало да биде клучно прашање во уредувањето на односите и начинот на комуникација меѓу јавниот и приватниот сектор, со крајна цел создавање недвосмислена, непротивречна, јасна и применлива регулатива, која ќе биде и предуслов за поголема правна сигурност и стабилни и предвидливи услови за водење бизнис.
Еве неколку такви предлози, кои се во насока на подобрување на можностите за консултирање при подготовката на регулативата:
Прво, Надградување на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) на начин што ќе овозможи активно вклучување на бизнис-заедницата во процесот на креирање политики преку поднесување сопствени иницијативи и предлози
Во моментот, Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) функционира единствено во насока на електронско информирање на засегнатите страни за постојните прописи, предлог-закони на министерствата во фаза на подготовка, и извештај од спроведената проценка на влијанието на регулативата – ПВР, со можност за изнесување на коментари за наведените документи, во фаза кога истите веќе се изготвени. Меѓутоа, истиот не овозможува активно вклучување на бизнис-заедницата во процесот на креирање на политики преку укажување на потребата за законско нормирање на определени прашања, предлагање на нови законски или подзаконски акти, или посочување на потребата за изменување или дополнување на постојната регулатива, со што би се заокружил процесот на вклучување на засегнатите страни во процесот на креирање на недвосмислена и применлива регулатива.
Доколку тоа би било овозможено, бизнис-асоцијациите, како што е Стопанската комора на Македонија, би можеле јавно да покренуваат иницијативи за донесување на законски или подзаконски акти, или предлози за изменување и дополнување на важечките прописи, преку поднесување на образложени предлози кои јавно ќе се доставуваат преку електронскиот портал.
Истовремено е потребно да се уреди обврска за надлежните државни органи и тела да ги земат предвид поднесените иницијативи и предлози, на начин што ќе се предвиди обврска за соодветното министерство, односно државен орган или тело, јавно, во рок од 15 дена од доставувањето на предлогот, на електронскиот портал да достави аргументиран одговор по поднесената иницијатива, со наведување на причини за нејзиното прифаќање или одбивање. Доколку се оцени дека за одлучување по поднесената иницијатива е потребно да се спроведат подетални истражувања, би можело да се предвиди обврска за тие органи и тела континуирано, преку електронскиот портал, да ја информираат јавноста за текот на активностите преземени по тие иницијативи и предлози, и исходот на преземените дејствија во насока на донесување на предложените акти или менување или дополнување на постојните акти. Ваквата алатка би требало да овозможува и сите останати субјекти – физички и правни субјекти (покрај овластените предлагачи) да можат да се произнесуваат по поднесените иницијативи и предлози преку давање на коментари и сугестии за истите.
Вториот предлог се однесува на можноста процесот на проценка на влијание на регулативата и обврската за консултирање на бизнис-заедницата како засегната страна да се применува и на постапката на донесување на подзаконски акти. Поконкретно, Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) е корисна алатка за констулации со засегнатите страни која се применува единствено во однос на законите, но не и на сите подзаконски акти кои ги донесуваат надлежните државни органи (министерствата и останатите органи и тела кои регулираат определена област).
Со подзаконските акти многу често се доуредуваат определени прашања, кои доколку не се прецизно дефинирани, стануваат неприменливи во практиката. Ова особено неповолно се одразува врз работењето на деловните субјекти, со оглед дека со различните подзаконски акти се уредуваат прашања кои најдиректно се однесуваат на нивната дејност, и со кои им се наметнуваат различни обврски и ограничувања во секојдневното работење. Поради наведеното, потребно е примената на процесот на проценка на влијанието на регулативата да се прошири и на подзаконските акти што ги донесуваат надлежните министерства и останатите органи и тела кои регулираат определена област, како за постапките кои се предвидени за објавување и консулатции со засегнати страна за законите, така и за подзаконските акти, на ист начин.
Во таа насока, најдобро можно решение би било да се воспостави редовна обврска за сите овие субјекти за консултирање на бизнис-заедницата за сите прописи кои ги донесуваат, со цел деловните субјекти, како засегнати страни, да можат да ги дадат своите мислења, забелешки, сугестии или предлози, во една транспарентна постапка, и истите треба доследно да се применуваат, а би се спроведувале преку јавен увид на предлогот на подзаконскиот акт, јавни расправи, барање за писмени мислења, забелешки и сугестии од засегнатите страни, учество во работни групи формирани од страна на надлежните органи и тела, состаноци со засегнатите страни, како и јавни дебати по одредени прашања кои се уредуваат со предложениот подзаконски акт.
За почеток, доволно е да се има волја и разбирање дека секогаш сериозно треба да се пристапува кон разгледување на предлозите на засегнатите страни за определена регулатива, а тоа се сите оние субјекти кои се должни да ги спроведуваат одредбите од таквата регулатива. Кога тоа го имаме, и на некаков начин функционира, добро е да продолжиме и со надградба која ќе ги отстрани, или во најмала мера, ќе ги намали ограничувањата кои претставуваат пречка за водење бизнис. Така, ни правниците ќе бидат омразени, ни министерствата спори, ниту пак бизнисот ќе биде оставен да се бори со брдото неприменливи прописи.