Судската заштита сè уште не е ефикасен механизам за заштита од дискриминација, бидејќи постапките за овие предмети траат долго, па голем дел од жртвите на дискриминација се демотивирани да поведат судска постапка. Ова е посочено во Извештајот за обезбедена правна помош на социјално ранливите и маргинализирани групи на лица во рамки на проектот „Поддршка од граѓанско општество кон политиките за социјална кохезија и различностите“ спроведен од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска на презентацијата на извештајот истакна дека треба да им се дадеме глас на невидливите во нашето општество, маргинализираните и социјално исклучените групи и заедници.
Од друга страна, како што посочи таа, ранливите и маргинализирани групи кои се најподложни на дискриминација, често се наоѓаат во социјален ризик и не можат да си ги дозволат судските и адвокатските трошоци на постапките за заштита од дискриминација, па имаат ограничен пристап до правда кога се судските постапки во прашање.
– Најголеми жртви на дискриминација се Ромите, лицата со физичка и интелектуална попреченост, жените од малцинските етнички заедници, жените од руралните средини и луѓето од ЛГБТ – вели Пировска и додава дека се бележи тренд на зголемување на бројот на претставки, што значи е подигната свеста на ранливите групи за нивните права и за тоа каде може да се обратат за да ја добијат потребната заштита.
Македонскиот Хелсиншки комитетот од август 2016 до јануари 2018 година документирал 64 барања за бесплатна правна помош во случаи на дискриминација и прекршување на права на таргетираните ранливи групи. Најголем број од случаите дури 57 се однесуваат на барања за правна помош за заштита од дискриминација, а во седум од случаите граѓаните побарале заштита за прекршување на право.
„Во 47 од документираните случаи граѓаните сметаат дека биле дискриминирани врз една дискриминаторска основа, додека во осум случаи беше констатирано дека станува збор за дискриминација врз повеќе основи, најчесто тоа се пол и род (14 случаи), пол, род и возраст, пол, род, верско убедување и сл. Тринаесет случаи се однесуваат на дискриминација врз основа на физичка и интелектуална попреченост. Има зголемен тренд и на пријавување на случаи на дискриминација врз основа на религија и верско убедување, чиј број изнесува девет, покажува нивното искуство“, се наведува во извештајот.
Координаторка на проектот Неда Чаловска Димовска истакна дека пристапот до правда, особено во случаи на дискримианција е скоро невозможен за ранливите групи во нашето општество кои често се наоѓаат и во социјален ризик.
– Поради ова, сакаме да им дадеме поддршка на граѓаните кои од различни причини се оневозможени да ги остварат или заштитат своите права. Правната поддршка особено ќе се фокусира на случаите во кои ќе се забележи дека постои системска дискриминација кон одредена ранлива група – вели таа.
Чаловска Димовска посочи дека се евидентирани по еден до два случаи годишно на лица со попреченост кои се обратиле до Комисијата за заштита од дискриминација и Народниот правобранител.
– За година и пол добивме повеќе од 20 претставки за дискриминација или прекршување на права кои се однесуваат на системски проблеми со кои се соочуваат лицата со попреченост. Главната пречка за тие да побараат помош или поддршка од институциите е физичката непристапност. Дел од нашите препораки се да се обезбеди физичка пристапност за да можат да ги уживаат сопствените права и да бараат заштита од органите – изјави Чаловска Димовска.
Во извештајот е наведено дека области во кои е забележано најмногу дискриминација се работните односи, образованието, здравствената заштита и пристапот до добра и услуги.
– Ние бараме законите за спречување и заштита од дискриминација и за бесплатна правна помош да овозможи олеснување на трошоците односно граѓаните да можат да поведат судска постапка без да плаќаат судски трошоци – рече Чаловска Димовска.
Таа информира дека има претставки од Роми ученици во кои е наведено дека во средните училиша има класови кои се само ромски, македонски и албански што, како што додаде дека е сериозен проблем и треба да се донесе соодветна програма за да се реши.
Од Хелсиншки комитет предлагаат сегрегацијата да биде ставена и како посебен облик на дискриминација во измените на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Во извештајниот период правниот тим на Хелсиншкиот комитет поведе пет постапки пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во кои како подносители се јавуваат лица со попреченост или, пак, лица од ромската етничка заедница, или нивните семејства. Сите постапки сè уште се во тек.
Правниот тим на Хелсиншки комитет воспостави тренд на директна комуникација со лицата и со институциите кои се јавуваат како потенцијални дискриминатори во документираните случаи, писмено обраќајќи им се, барајќи да ја отстранат пријавената дискриминација.
Сите судски постапки кои се иницираат за заштита од дискриминација, како што е наведено во извештајот, се поддржани од здруженија на граѓани кои работат во оваа област.