Во ЕЛЕМ немаат добиено никакво известување од Антикорупциската комисија дека е донесен некаков заклучот за вработувањето на синот на пратеничката Мира Стојчевска, Виктор.
Додека таков заклучок не произлезе, велат од компанијата, не можат да одговорат на прашања за пропусти, без да биде утврден пропуст.
Оваа реакција од ЕЛЕМ следува откако вчера во јавноста излегоа информации дека антикорупционерите утврдиле дека синот на Стојчевска не ги исполнил условите за вработување.
Документацијата што од ЕЛЕМ ја доставиле до Антикорупциска, тврдат оттаму, покажува дека Стојчевски ги исполнувал условите предвидени во конкурсот, за што до медиумите испратија и скениран документ.
За местото инженер за нови технологии-приправник, потенцираат тие, барале високо образование, седми степен, од техничките факултети, а за тоа приправничко место работен стаж не е потребен. На конкурсот кој бил објавен во два дневни весника, се пријавиле тројца кандидати.
„Во конкретниот случај се бараше приправник, односно работник за почетничко место. Од сите кандидати, избраниот кандидат имаше најсоодветно образование за работните задачи кои е планирано да се побаруваат во иднина од тоа работно место. На компанијата и е потребен геодет, со оглед на тоа што почнува неколку проекти од областа на обновливите извори на енергија, кои бараат примена на нови технологии и обезбедување подлога, документациска и теренска, за нивно инсталирање. Другите двајца кандидати беа со машински и електро-технички факултетет“, наведуваат од ЕЛЕМ.
Исто така, велат оттаму, процениле и оти ангажирањето на млад кадар кој неодамна завршил со своето високо образование е најдобро решение со оглед на тоа што 70 отсто од вработените во компанијата се над 50 -годишна возраст, така што една од обврските на секој менаџмент е да обезбедува одржлив кадровски развој.
„Другите двајца кандидати имале работно искуство од 10 и 20 години, што во конкретниот случај не соодветствувало на определбата на ЕЛЕМ да инвестира во млад кадар, кој ќе биле обучуван според стандардите и потребите на компанијата. Ранг-листа како документ не е предвидена според Законот за работни односи, затоа, заради информирање на јавноста, овде описно е изнесено како е извршен изборот. Исто така, информираме дека не бил вршен никаков притисок по однос на конкурсот за ова работно место“, велат од ЕЛЕМ.