Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска на денешната седница во врска со вработувањето на ќерката на претседателот на парламентот Талат Џафери во ЕЛЕМ, рече дека чека дополнителни информации и тоа за критериумите при вработувањето и за ранг листата на останатите кандидати.
Ивановска додаде дека добиле информации од ЕЛЕМ според кои ќерката на Џафери има завршено Правен факултет, магистрирала со 10, поседува правосуден испит, сертификат за познавање јазик, но дека не се знае по кој критериум била избрана на конкурсот за вработување. Немало информации ниту за останатите кандидати кои се пријавиле на конкурсот.
– Сакам подлабоко да навлезам во случајот, добивме информации од компанијата за ќерката на претседатеот на Собранието, но не знам какви се другите кандидати што конкурирале – рече Ивановска.
Антикорупциската комисија досега затворила два случаи на непотизам – едниот е за ќерката на пратеничката Емилија Александрова за која имаше наводи дека е вработена во Фондот за иновации. Според антикорупционерите, таа не конкурирала воопшто и не се вработила таму.
Вториот затворен случај е за сопругата на поранешниот градоначалник на Берово, Звонко Пекевски за која добиле информации дека таа била ангажирана со договор на дело како наставник во основно училиште, две години. Подоцна по автоматизам и се трансформирал работниот однос во редовен.