Сакам јавно да се обратам до Агенцијата за администрација. Јавно, бидејќи, барем денеска, никој не се јавува на три нивни телефони и еден e-mail.
Се прашувам, има ли шанса, некој надвор од списоците, стварни или измислени да се пробие низ навидум безгрешниот и безличен електронски систем за разграничување на УРЕДНИТЕ од НЕУРЕДНИТЕ апликации, за да се квалификува за натамошните фази на процесот на селекција (испит за државен службеник, проверка на знаењето на јазик за на крај, евентуално, да добие покана за интервју)?
Кажете ми ве молам, бидејќи претпоставувам дека се засегнати повеќе млади луѓе кои аплицираат, што е НЕУРЕДНА АПЛИКАЦИЈА, со која кандидатите веднаш на почеток се елиминираат? Видовме дека таквите системи не се безгрешни и дека зад нив стојат луѓе.
Дали 100 % пополнета апликација, со прикачени докази за се што се бара, од државјанство, здравствена потврда, сите четири свидетелства од средно училиште преку дипломите за високо образование, познавање на јазик и компјутерско работење е НЕУРЕДНА АПЛИКАЦИЈА?
Дали апликацијата поднесена на време е НЕУРЕДНА АПЛИКАЦИЈА?
Дали магистер по политички науки (120 ЕКТС), дипломиран во област меѓународни односи (180 ЕКТС), кој завршлил меѓународно средно училиште, кој дипломирал компјутерска графика, поседува меѓународен сертификат за познавање на странски јазик, назначен судски преведувач и има пракса од 3 години на проектни задачи, е НЕУРЕДЕН апликант за работно место на пример, помлад соработник во Министерството за правда, сектор меѓународни односи, со или без работно искуство при што се бара правник или политиколог по образование?
Или, за работно место во општина Центар, помлад соработник за подготовка на материјали и документација на одделението за култура?
Министерот за информатичко општество и јавна администрација повеќе пати истакнува дека се потребни образовани луѓе со одлично познавање на јазици и компјутерски вештини и дека ги нема доволно во администрацијата. Во ред, верувам, но тогаш, не смее така лесно и неодговорно кон политиката на Владата да се отфрлаат кандидати кои инвестирале во себе и во своето образование, се стекнале со вештини и знаење, само зашто треба слепо да му веруваме на електронскиот систем – НЕУРЕДНА АПЛИКАЦИЈА.
Мирјана Малеска, професор
,