И покрај повиците на американскиот претседател Доналд Трамп да му се забрани пристап на кинескиот гигант Хуавеј, Европската Комисија одлуката ќе им ја остави на земјите членки.
Европската извршна власт денеска треба да објави препорака до земјите членки за справување со ризиците од технологиите на Хуавеј, меѓу другото преку засилена соработка. Минатата година, САД алармираше дека Хуавеј претставува сериозен ризик за западните земји, и дека официјален Пекинг го користи својот технолошки производ за шпионажа.
Во документот кој треба да се објави денеска ЕК би требало да им препорача на земјите членки на ЕУ подобро да се координираат и да ја зајакнат размената на информации во однос, меѓу другото, на предметите конектирани на интернет или пак 5Г опремите. ЕК нема да бара забрана за Хуавеј, но ќе им ја остави таа можност на земјите доколку сметаат дека нивната национална безбедност е загрозена.
Неодамна Комисија објави и низа препораки за нова европска стратегија кон Кина, документ во кој првпат Пекинг се ословува како системски ривал и конкурент и кој сигнализира поцврст став на европските институции кон кинеските инвестиции после децении отворен пазар.
Истовремено во Париз кинескиот претседател Си Џинпинг ќе оствари средба денеска со Ангела Меркел, Емануел Макрон и Жан-Клод Јункер, во пресрет на самитот ЕУ-Кина, закажан за 9 април.
ФОТО: EPA / MICHAEL REYNOLDS