Претседателот на нашата партија, Христијан Мицкоски, јасно кажа дека секој од членовите можат слободно да го искажат своето размислување дали некој ќе гласа „за“, „против“ или ќе бојкотира, рече Михаил Пановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во првиот собраниски состав.
Тој беше дел од групата триесетина пратеници од првиот состав на Собранието кој излегоа и ги повикаа граѓаните во недела да излезат и да гласаат „за“ на референдумот.
– Јас сум убеден дека Македонија нема да добие подобар договор, во Грција нема да има премиер како Ципрас. И јас имам потекло од егејскиот дел, мајка ми ги изгуби братот и сестрата во граѓанската војна во Грција. Сите досегашни премиери кои владееја со години во Грција се од монархофашистичката групација, Ципрас е од демократска. Убеден сум дека ваков договор Македонија не може да добие и нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО – рече Пановски.
На барање на новинарите зборуваше и Ѓулистана Марковска, исто така, дел од првиот собраниски состав од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
И тогаш и сега, рече таа, тие како пратеници немаат исто мислење, но имаат иста надеж. Визионерскиот дух кој го имале тогаш, докажал дека тогаш биле во право.
– Тешко е да бидете визионер, тешко е на сите да им ги усогласите ставовите, но многу е важно да знаете да играте шах, тоа значи да да ги предвидите вашите чекори, чекорите на вашите соседи… Без оглед на разногласието, ние сме почесна група на пратеници, денеска сакаме да го искажеме нашиот единствен став. Како тогашни визионери и сега визионерството за Македонија го гледаме како членка на ЕУ и НАТО – рече Марковска.
Поранешниот собраниски претседател, Стојан Андов, пак, кратко за медиумите изјави дека од 1991 година во Македонија тешко се градело единство, како меѓу самите Македонци, така и со другите етнички групи.
– Денес во Македонија постои формално единствено на Македонците, Албанците на другите помали заедници. Сите други работи и илузии, кои не сфатиле оти единството е излез за нас претставуваат обид да се разбие единството за оваа европска идеја. Тоа е факт и од тоа нема бегање – рече Андов.
Пред големиот број новинари зборуваше и пратеникот Албанец од првиот парламентарен состав, Мухамед Халили, кој одговарајќи на новинарски прашања рече дека неговата партија во 1991 година гласала за декларацијата за независност, но на референдум не излегле бидејќи имало кругови кои не сакале рамноправност на сите граѓани на РМ. Но, сепак, го гласале Уставот и се решиле да ја градат државата.
Денес, посочи тој, факт е дека зачленувањето во ЕУ и НАТО е единствената и вистинската опција и затоа повикуваат да се излезе на референдум и да се гласа „за“.