Екс командантот Хоџа ќе даде пет пензии од УЧК за новата косовска Армија

686

Џезаир Шаќири на јавноста познат како командант Хоџа преку Фејсбук упати честитки до новоформираната Армија на Косово. Хоџа обелодени и дека ќе даде пет пензии од УЧК за опремување на косовската Армија. Тој ги повика сите 60.000 ветерани на УЧК да го следат и да донираат барем по една пензија за косовската војска.

„Честитки за Косово и за Армијата. Предлагам и давам за Косовските Бзбедносни сили  пет пензии од ветераните на УЧК. Ги охрабрувам сите ветерани да донираат најмалку една пензија од ветераните на УЧК  годишно за Косовските безбедносни сили да се опремат со најсовремено оружје. 60.000 ветерани ако дадат по една пензија од 170 евра доаѓа околу 10 милиони евра за косовската Армија“, напиша на Фејсбук екс командантот Хоџа.

Хоџа неодамна ја разбранува јавноста кога премиерот Зоран Заев го назначи за надворешен советник за безбедност и радикализам. Но, по жестоките реакции на јавноста, Хоџа за само пет дена по назначувањето се повлече од функцијата. Јавноста реагираше на минатото на Хоџа, односно на неговото присуство на американската црна листа, ставовите за загинатите полицајци во Диво Насеље, како и на неговите ставови за уредувањето на државата.

По оставката на советничката функција Хоџа за МИА изјави дека досега само Заев му укажал шанса и дека само него го почитува.  Тој тогаш рече и дека се повлекува од функцијата во интерес на државата и дека не му е до државната плата од 36 илјади денари месечно.

Непознато е дали и други вереани на УЧК од Македонија ќе донираат за вооружување на косовската Армија, бидејќи кога им беа понудени пензии од УЧК повеќето од нив ни изјавија дека ќе одбијат да ги земат бидејќи во Косово не војувале за пари туку за идеали.

На листата на околу 200 Албанци од Македонија кои беа во евиденцијата на учесниците во војната во Косово од позвучните пензионери на УЧК се лидерот на ДУИ Али Ахмети и поранешен врховен командант на ОНА, екс генералот на ОНА Гзим Острени, вицепремиерот Хазби Лика, поранешниот пратеник Рафиз Алити, кичевскиот градоначалник Фатмир Дехари, поранешниот пратеник Даут Реџепи Лека и сега економскиот директор на Гинекологија Ваљон Бела.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...