Екс градоначалник и поранешен конзул се двајца од избрканите од МНР поради 27 април

8273

Двајца од тројцата дипломати вработени во Министерството за надворешни работи (МНР) кои беа избркани од работа затоа што, како што тврди МНР, на 27 април за време на насилниот упад  биле во Собранието додека се случувал крвавиот настан, се вратени на работа.

Останува да заврши постапката за уште еден вработен. На двајцата кои се вратени на работа, како што дознаваме, не им се доверени работните места што ги имале пред да бидат избркани, но Министерството за надворешни работи, по судската одлука, ќе мора да им ги исплати и сите неисплатени плати и придонеси од претходната позиција.

Дознаваме дека едниот е поранешен градоначалник кој бил вработен во МНР во времето на Груевски, друга е жена со единаесетгодишно искуство во дипломатијата. Наскоро се очекува и епилогот на спорот за третиот вработен во МНР кој, како што дознаваме, е од редот на професионалниот кадар, долгогодишен дипломат кој бил генерален конзул во САД, како и началник на одделение во македонското МНР.

Тројцата дипломати поради присуство во Собранието на 27 април биле избркани од МНР, но судот донесе одлука да се вратат на работа. Нивните аргументи се дека тие во Собранието не носеле ни транспаренти, не држеле говори, не сториле кривично дело, а за време на настаните не биле на работа.

МНР во одговор на прашање на Плусинфо, објаснува дека дипломатите биле избркани од работа затоа што со своето присусто во Собранието за време на крвавиот четврток  го прекршиле етичкиот кодекс и угледот на професијата, на МНР и на државата.

– Против тројца дипломати во Министерството беа водени дисциплински постапки врз основа на член 73 став 1 алинеја 22, и член 77 став 4 и член 78 став 3 од Законот за административни службеници, а во врска со член 74 став 2 алинеи 3 и 5 од Законот за надворешни работи и член 21 став 1 и 2 од Етичкиот кодекс за вработените во Министерството за надворешни работи и други лица што вршат работи за МНР. Дисциплинските постапки беа водени поради нивно присуство во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година, со што, по мислење на Министерството, постапиле спротивно на Етичкиот кодекс нарушувајќи го угледот на професијата дипломат, угледот на Министерството и на државата. Поради ова им е изречена дисциплинска мерка – престанок на работен однос – велат од МНР.

МНР објаснува дека ја отворило дисциплинската постапка, откако на барање што го доставиле до Министерството за внатрешни работи во јуни 2017 година, два месеца подоцна, во септември добило одговор дека тројцата вработени биле во Собранието на 27 април.

– Со правосилна одлука на судот, двајца вработени се вратени на работа поради тоа што решението за престанок на работен однос на Министерството и одлуката на Агенцијата за администрација која одлучувала во втор степен по жалба, се донесени по истекот на рокот во кој можел да биде поднесен предлог за поведување на дисциплинска постапка. На вработените ќе им бидат исплатени неисплатените плати и придонеси. Постапката за третиот дипломат не е завршена – велат од МНР.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...