Експлозии, технички проблеми, апсења на изборите на Филипините

Се води истрага, но целта била да се заплашат луѓето да не излезат на гласање, истакна полицискиот началник Роналд Брионес.

44
ФОТО: EPA / MARK R. CRISTINO

Гласањето на парламентарните и локалните избори на Филипините започна со експлозии, дојави за купување на гласови и технички проблеми во избирачките места.

Безбедносните мерки се зајакнати. Ангажирани се 160.000 полицајци и 98.000 војници да ги обезбедуваат 36.000 избирачки места.

Засега нема информации за повредени, откако две гранати експлодираа во град во провинцијата Магинданао, соопшти полицијата. Првата експлозија се случила неколку часови пред отворањето на гласачките места, а втората еден час по почетокот на изборниот ден, на 500 метри од едно избирачко место.

– Се води истрага, но целта била да се заплашат луѓето да не излезат на гласање – истакна полицискиот началник Роналд Брионес.

На неколку места во земјата гласањето беше одложено поради проблеми со машините за броење на гласови.

Кандидат за градоначалник на Кесон беше уапсен синоќа заедно со над 40 свои поддржувачи за наводно купување гласови. Полицијата уапси уште околу 200 лица за истиот прекршок.

Околу 62 милиони Филипинци со право на глас ќе избираат помеѓу 43.500 кандидати за околу 18.000 места во Конгресот и локалните собранија.

Денешните избори се сметаат за клучни за опстанокот на претседателот Родриго Дутерте.

Најважното гласање е за освојување на 12 места во Сенатот од вкупно 24, а Дутерте сака да ги исполни со свои приврзаници, со цел да го зајакне законодавството, кое предвидува повторно воведување на смртна казна, намалување на границата за кривична одговорност на децата и ревизија на Уставот од 1987 година.

Претставниците на опозицијата оценуваат дека Сенатот е последниот бастион за проверка на силите на приврзаниците на Дутерте во долниот Претставнички дом.

ФОТО: EPA / MARK R. CRISTINO

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...