Во првите моменти од состанокот во Сингапур и американскиот претседател Доналд Трамп и водачот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, се обидуваа да остават впечаток дека се „главни“, но во исто време, на почетокот на самитот со големи влогови покажуваа и знаци на нервоза тоа го тврдат експертите за говор на тело.
Стручњаците велат дека американскиот претседател во првите 13 секунди, колку што првиот пат ја држеше раката на Ким, ја покажал вообичаената доминација, бидејќи прв му пристапил на Ким и го потчукнал по рамото.
Не сакајќи да остане во сенка, Ким цврсто ја прифати неговата рака и за време на ракувањето го гледаше во очи пред да се сврти кон новинарите со насмевка.
„Рацете им одеа горе-доле“
„Тоа не беше вообичаено ракување. Рацете им одеа горе-доле, секој по малку влечеше на своја страна.Еден на друг не дозволија при ракувањето да биде доминантен“, рече австралискиот експерт за говор на тело Алан Пијс.
Давањето впечаток на авторитет на претседателот на САД му оди многу лесно. Како светски лидер, бизнисмен и поранешна телевизиска ѕвезда тој е многу добро упатен во тоа како ефикасно да го користи говорот на телото. Неговата висина исто така му дава предност над Ким.
Додека двајцата одеа кон библиотеката каде што првпат се сретнаа лице в лице, Трамп се обиде да ја смири напнатоста што се чувствуваше во воздухот во разговор со Ким и овозможувајќи му да оди малку пред него.
Ким беше како дете
Трамп, меѓутоа ја задржа контролата тапкајќи го по рамото, водејќи го кон библиотеката. Ким е речиси двојно помлад од Трамп и главно гледаше во подот и слушаше додека Трамп зборуваше, но тој погледна нагоре неколку пати во текот на разговорот.
„Доналд Трамп зборуваше помирувачки, речиси кротко, но неговиот јасен говор на телото покажуваше јасно „Јас сум главен тука“, додава Пијс.
„Да не ги знаете овие двајца, ќе си помислите дека ова огромно момче е неговиот татко, а дека малиов е негов син (…) Ким изгледаше по малку како дете во забавен парк: тој не беше исплашен, туку возбуден и малку нервозен“, оцени Пијс.
Трамп и Ким се состанаа во Сингапур на историски разговори за да најдат решение за нуклеарното прашање на Корејскиот полуостров.
Ако успеат, тоа може да доведе до трајни промени во областа на безбедноста во североисточна Азија, како што беше посетата на поранешниот американски претседател Ричард Никсон во Кина во 1972 година која што помогна да дојде до трансформација на таа комунистичка земја.