Експертите од Правниот факултет да го напишат законот за Јавното обвинителство, порачува шефот на опозицијата и неговата партија ќе го поддржи во целина.
Експертите можат да бидат водени од интересите на државата, за разлика од политичарите кои тоа не го можат заради „сопствениот, семејниот и партискиот интерес“, заклучува тој.
Значи, експертите „немаат сопствен, семеен или партиски интерес“, тие секогаш ги имаат интересите на науката и на државата на срце.
Долгогодишното искуство во науката, а и политичкото поведение на некои од наведените имиња на листата, ми вели дека оваа констатација не е вистинита, но, еве, нека се стави на проба истата листа на експерти која ја поднесе претседателот на партијата на македонските националисти и тие нека состават таков закон кој, без забелешки, ќе биде прифатен во Pарламентот.
Се разбира, под услов партијата на власт да не го проблематизира персоналниот состав на листата и да не се посомнева во политичката непристрасност на некои од набележаните имиња.
Значи, кога би успеал целиот тој потфат, експертите, на еден волшебен начин, ќе ја завршат работата на пратениците и ќе ја извлечат државата од една потенцијална политичка криза кон која одиме.
Единството кое што професорите ќе го демонстрираат околу прифатениот текст на законот за ЈО, пак, ќе ја демантира и исправноста на мојата теза дека Факултетот се уште е безнадежно партизиран.