Тројца од четворицата осомничени поранешни министри и еден заменик во Министерството за земјоделство уште од утрово се спроведени во судот на распит, потврдуваат од Кривичниот суд во Скопје за Плусинфо.
За четвртиот осомничен, неофицијално актуениот пратеник Љупчо Димовски, сѐ уште нема потврда дека е извеен пред судија на претходна постапка.
Сепак, министерот Оливер Спасовски во изјава за медиумите потврди дека се обезбедени сите четири лица.
Тие се осомничени за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.
За нив се бара притвор, а одлуката Кривичен ќе ја соопшти откако ќе заврши распитот.
Истрагата ја отвори Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое соопшти дека тие склучувале договори за закуп на земјиште, но не ги раскинувале договорите и покрај тоа што не се плаќало за закупот. Според досегашните докази на обвинителството, станува збор за 584 договори кои се однесуваат за земјишта на различни локации.
Иако ниту од обвинителството ниту од судот не соопштуваат имиња на осомничените поранешни функционери, во јавноста веќе излегоа информација дека покрај Димовски, станува збор и за ексминистрите Ацо Спасеновски и Михаил Цветков, и за заменикот Кристијан Делев.