Ексминистерот за економија од ДУИ во владата на Никола Груевски, Дритон Кучи, за Плусинфо индиректно потврди дека и неговиот автомобил е меѓу трите опожарени возила во подземната гаража на улицата „Босна и Херцеговина“ во Скопје.
– Ги чекам резултатите од експертизата. Засега не би сакал повеќе ништо да коментирам, се подготвувам за петочната молитва. Во подрумот беа повеќе автомобили – ни изјави Кучи.
Од извори блиски до Кучи дознаваме дека во време кога биле опожарени возилата, Кучи и семејството биле дома и спиеле. Чадот од подземната гаража во зградата ги вознемирил соседите кои алармирале и веднаш излегле надвор.
Според нашиот извор, возилото на Кучи е целосно изгорено. Индикативно е дека Кучи сега не е политички активен, туку е посветен на довршување на докторатот. Тој е професор на Тетовскиот универзитет. Според нашиот соговорник, Кучи немал закани, ниту пораки со заканувачка содржина и оттука нема информации кој и со каква намера ги опожарил возилата.
На 24.01.2020 во 01.43 часот во СВР Скопје било пријавено дека во подземна гаража на ул.„Босна и Херцеговина“ во Скопје настанал пожар во неколку возила. Полициски службеници излегле на местото и констатирале дека целосно било опожарено патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Д.К.(32) од Скопје, а делумно биле опожарени патничко возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки и патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на А.Ф.(33) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Увид ќе се врши во текот на денот, велат од МВР.