ЕКСКЛУЗИВНО Нема средба Заев – Мицкоски, власта оди на избори

22432

Премиерот Зоран Заев најверојатно нема да се сретне со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски во врска со  уставните измени за Договорот од Преспа, со што речиси е извесно дека излез од постреферендумската криза ќе се бара во предвремени парламентарни избори, брифира за Плусинфо висок владин функционер.

Според него, Заев и СДСМ немаат намера да ги убедуваат Мицкоски и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните амандмани, особено по децидните ставови на опозицискиот лидер и пратениците дека нема да дадат поддршка за амандманите, како и по испорачаните услови од опозицијата за нов опозициски јавен обвинител, анкетна комисија за референдумските нерегуларности и Пржинска влада со целосен мандат.

– Немаме намера за средба помеѓу Заев и Мицкоски. Подготвуваме избори затоа што нема изгледи ништо да се направи во парламентот – вели за Плусинфо висок функционер од Владата.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ по референдумот порачаа дека Договорот од Преспа е мртов.

Доколку Заев цврсто гази за предвремени парламентарни избори, ќе треба за ова прво да го убеди владиниот партнер Али Ахмети, кој засега е на позицијата дека треба да се направи обид за поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за уставните амандмани. Сепак и од партијата на Ахмети велат дека изборите се поизвесна опција од разрешница во парламентот.

Премиерот Заев вечерта по соопштувањето на резултатите од цензусот на референдумот најави дека доколку деновиве не успеат со ВМРО-ДПМНЕ да се договорат за поддршка на уставните амандмани, ќе се оди на избори и тоа на 25 ноември.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...