Мариела Трајковска
Александар Самарџиски
По фијаското на лидерската за прашањето за референдумот, извори од преговорите за Плусинфо брифираат дека лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ставил четири предлози како да гласи референдумското прашање, но во ниту еден од предлозите не се споменувало членството на Македонија во ЕУ и во НАТО.
Ова било крајно неприфатливо за премиерот Зоран Заев и лидерите на ДУИ и Беса, Али Ахмети и Билал Касами, по што лидерската средба заврши без договор за референдумот.
Соговорници од средбата за Плусинфо брифираат дека сите четири предлози кои Мицкоски ги понудил биле комплицирани, долги и двозначни, наспроти изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека инсистира на еднозначно референдумско прашање.
– Специфично е дека во ниту еден предлог за референдумското прашање не се споменува дека Договорот за името со Грција е поради членство на Македонија во ЕУ и во НАТО. Напротив, предлозите беа долги, на пример, дали сте за Договорот со Грција за промена на името на државата со промена на Уставот, идентитетот, јазикот… сите предлози беа долги можеби по половина страница – вели учесник на лидерската.
Според нашите извори, преговорите „пукнале“ кога Мицкоски го извадил и евентуалното референдумско прашање кое би се движело во насоката:
„Дали сте за поддршка на договорот со Грција кој го уништува целосно нашиот идентитет, јазик, култура…“
На ова освен Заев, жестоко се спротиставиле лидерите на ДУИ и Беса, Ахмети и Касами. Тие му укажале на Мицкоски дека Договорот со Грција е за да се деблокира членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Ахмети и Касами потенцирале дека албанскиот политички блок и Албанците првично биле против каков било референдум, но дека отстапиле бидејќи ова пред сѐ, ги засега Македонците. И поради тоа што СДСМ, а пред сѐ ВМРО-ДПМНЕ во програмските определби имаат зацртано дека промената на името ќе оди на референдум.
– Два-три пати му беше укажано на Мицкоски дека граѓаните треба да се остават слободно да се изјаснат на референдум, без сугестии како да гласаат, само лидерите да повикаат граѓаните да излеат на референдумот – брифираат соговорници за Плусинфо.
Дали опозицијата со ставот за еднозначно прашање всушност бара два референдуми и дали е точно дека вчера понудила четири прашања и во ниту едно немало дека договорот за името е поради влез во ЕУ и НАТО, прашавме и во ВМРО-ДПМНЕ.
И вчера Мицкоски изјави дека ставот на неговата партија е оти тие бараат прашањето да биде еднозначно, односно да се однесува само на договорот.
Дали ќе повика на бојкот во случај на референдумското ливче прашањето да биде во насоката која ја најави Заев (Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот за името?), претседателот на опозицијата не даде одговор.
На хипотетички прашања, рече тој, не би сакал да одговара.
Од друга страна, ако ВМРО-ДПМНЕ бара прашањето да биде само за договорот и во него воопшто да не се споменуваат ЕУ и НАТО, тогаш ваквото нивно барање води кон два референдума.
Вториот би бил за членствата во ЕУ и НАТО и тој би морал да се распише.
„Референдум на државно ниво задолжително се распишува за усвојување на одлука на Собранието за менување на границата на Република Македонија и на одлука за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави“, предвидува членот 23 од Законот за референдум.
Законските одредби дозволуваат во ист ден да се одржат два референдума, а прашањата во таков случај би биле напишани на две посебни гласачки ливчиња.
Меѓутоа, според извори на Плусинфо, власта смета дека доволно попуштила и воопшто не размислува за два референдума. Нашите извори брифираат дека по вчерашната деветчасовна лидерска не гледаат причина за нова средба со Мицкоски.
Ако ВМРО-ДПМНЕ не го промени ставот и не се согласи да ги повика граѓаните да излезат на референдум и да гласаат по сопствено убедување, нема да биде изненадување ако власта и партиите од опозицијата кои се согласни со референдум, целиот процес да продолжат да го туркаат без партијата на Мицкоски.