ЕКСКЛУЗИВНО За првпат во Македонија пресадени матични клетки кај дете од Скопје од тинејџер од Германија

Плусинфо разговараше со в.д. директорката, проф. д-р Ирина Пановска Ставридис, неколку часа пред да се направи оваа интервенција. Таа зборува за возбудата на медицинскиот персонал и за сета атмосфера во пресрет на првата трансплантација кај дете во земјата.

11173
Проф. д-р Ирина Пановска Ставридис и Науч.сор. д-р Александра Пивкова Вељановска

Фото: Проф. д-р Ирина Пановска Ставридис и научен соработник д-р Александра Пивкова Вељановска

Со големо нетрпение се очекуваше да слета авионот од Минхен преку Виена во Скопје прексиноќа во 10 минути по полноќ, бидејќи носеше многу скапоцен товар – 400 милилитри крвна плазма со матични клетки кои ги подарило 19-годишно момче од Германија. Овие клетки пред околу 10 часа му беа пресадени на 13-годишно момче од скопско Сопиште, благодарение на кои овој пациент треба да ја добие битката со една од најтешките болести на крвта – апластична анемија.

Ова е прва ваква интервенција кај дете кај нас во Македонија, која беше направена во два часот по полноќ на Универзитетската Клиника за хематологија во Скопје, каде пак завчера се изврши 500-тата трансплантација на матични клетки, но кај возрасен пациент.

Плусинфо ексклузивно разговараше со в.д. директорката на оваа јавна здравствена установа, проф.д-р Ирина Пановска Ставридис, неколку часа пред да се направи оваа интервенција. Таа зборува за возбудата на медицинскиот персонал и за сета атмосфера во пресрет на првата трансплантација кај дете во земјата.

– Вчера пристигнаа периферни матични клетки од несроден доброволен донор за реализација на втората несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки во нашата држава. Пациентот е 13-годишно дете и е прв на детска возраст кај кој се врши несродна трансплантација на нашата клиника. Од почетокот на оваа година, благодарение на меморандумот за соработка помеѓу нашата и Клиниката за детски болести се отстранија правните пречки и се овозможи на Хематологија да може да се вршат најсложени медицински зафати и на деца помали од 14 години. Со ова, јавното здравство станува конкурентно со најразвиените светски и европски центри во лекувањето со трансплантација на матични хематопоетски клетки. Задоволството на персоналот е големо, а одговорноста е подигната на најголем степен бидејќи се работи за прва несродна трансплантација кај дете со сериозно хематолошко заболување, за кое таа беше единствен избор за излекување. А, завчера се реализираше и 500-та трансплантација кај возрасни на клиниката и горди сме на досегашните резултати и вложениот труд во овие 19 години колку што постои оваа интервенција во државното здравство.

Може ли да затрепери раката на сестрата или техничарот кои ќе го боцкаат детето кое ќе ја прими крвта? Дали сестрата специјално ќе биде одбрана или ќе боцка оној што е на смена?

– Јас сум исклучително горда на моите колеги со кои заеднички посветено работевме на овој проект. Тие имаат големо искуство и во овие интервенции, кои ги работат со огромна посветеност и професионалност, а можностите за грешка и емотивните реакции се сведени на минимум. Сите медицински сестри на Одделот за трансплантација на матични клетки на клиниката се едуцирани и искусни во нивна апликација и тоа и од сроден и несроден дарител. Повеќето едукацијата и обуката ја поминаа во странски центри бидејќи работат со сериозно имунокомпромитирани болни.

Пациентот е 13-годишно момче од Сопиште, Скопје, кое боледува од апластична анемија. Дали оваа операција е единствената шанса за него? 

– Нашиот пациент е 13 годишно дете со апластична анемија која е ретко и едно од најтешките заболувања во медицината при кое коскената срцевина запира да создава крвни клетки. Трансплантација на матични клетки е единствена куративен третман  кој овозможува трајно излекување. Изразувам огромна благодарност на 19-годишното момче од Германија, кое покажа извонредна хуманост и, со висока свест за хуманост,  донираше матични клетки за да спаси млад човечки живот. Токму ваквите примери треба да се доволна провокација за нашите граѓани да станат донори и да ја подигнат колективната свест за хуманоста. Идентитетот на донорот се анонимни и заштитени од регистерот и не ни се познати, тоа е процедура која е јасно дефинирана во стандардите за дарување на матични клетки од доброволен донор, и е идентична за сите несродни донации на матични клетки во светот.

Од колку потенцијални донори во Германија беше бирана крвта за нашето момче?

– Момчето од Германија е 19-годишен доброволен донор кој се пријавил да биде донор на матични хематопоетски клетки уште од својата 16 годишна возраст. Германскиот регистер на доброволни донори на матични клетки е најеминентна институција во Европа со над 7 милиони регистрирани доброволни донори. Таму постои висока свест за донирање и желба за спасување на животите на болни деца и возрасни со сериозни, смртоносни заболувања на крвта.

Кога ќе знаеме дали момчето е успешно трансплантирано и излекувано? Кој е сега покрај него или мора да е сам и во безмалку стерилни услови?

– Пациентот e хоспитализиран сам, во комплетно реновираниот  Оддел за трансплантација на матични клетки на Клиниката за хематологија во стерилни услови кои му се потребни за оваа интервенција. Неговата мајка е постојано на Одделот, има целосна поддршка и од нас лекарите и целиот персонал. Се надеваме и сме оптимисти дека интервенцијата ќе помине без поголеми компликации. Во овие две-три недели по давањето на клетките, очекуваме истите да бидат прифатени и коскената срцевина кај пациентот да закрепне. Следење на раниот и доцниот посттрансплантациски тек и рехабилитација на болниот трае различно – од шест месеци до една година, некогаш и подолго. 

Колку е важно што побрзо да имаме регистер на потенцијални донори на коскена срцевина и кај нас? Сега се само околу 3.000 лица и тоа, претпоставувам, се крводарители?

– Нашата држава има регистер на доброволни донори на матични клетки уште од 2012 година и истиот се наоѓа на Институтот за имунологија и хумана генетика при Медицинскиот Факултет во Скопје. Регистерот брои околу 3.000 доброволни донори на матични хематопоетски клетки, број кој беше доволен нашата држава да се поврзе со светскиот регистер на доброволни донори преку кој се вршеше пребарувањето на несродни донори за нашите двајца пациенти кај кои се реализираа првите несродни трансплантации. Во минатото, од нашиот регистер беа детектирани неколку доброволни донори кои донираа матични клетки за пациенти во САД и Шведска.

Ќе има ли кампања за што поголем број граѓани да станат донори?

– Клиниката за хематологија и Македонскиот регистер за доброволни донори поддржани од Министерството за здравство ќе отпочнат донаторска акција за зголемување на бројот на доброволни донори на нашиот регистер. Во тек се подготовките и финансиската конструкција за изведување на овој проект. Министерството за здравство излезе во пресрет за обезбедување на финансиски средства за извршување на типизациите кај донорите и ќе биде главен покровител на донаторската акција. Од вас медиумите очекуваме медиумска поддршка на акцијата. Секој од нас е потенцијален донор, и секој од нас може да биде нечија коскена срцевина. Да се вклучиме сите и да ја поддржиме оваа донаторска акција, бидејќи со зголемување на бројот на доброволни донори во нашиот регистер му ја зголемуваме можноста на секој пациент на кој му е потребна трансплантација да го најде својот идеален донор во рамките на нашата држава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...