Ексградоначалникот на Демир Капија обвинет за злоупотреба на службената положба

120

Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинителен акт против поранешен градоначалник на Општина Демир Капија за кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување.

Како што соопшти Јавното обвинителство, обвинетиот од 21.02.2015 до 12.10.2017 година, како одговорно лице – градоначалник на Општината, ја искористил службената положба и прибавил имотна корист за друг во износ од 1.177.476 денари.

– Имено, по приемот на лицето-сведок на работното место – советник за правни работи и застапување, дозволил да не доаѓа на работното место, електронски да не го евидентира своето присуство и да не ги извршува своите работни задачи согласно Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во општинската администрација на Општина Демир Капија. Сепак, на вработената редовно и се исплатувала месечна плата, со што на штета на општинскиот буџет и бил исплатен бруто износ од 1.177.476 денари, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Обвинението е поднесено откако во текот на истражната постапка беа прибавени сите податоци кои се однесуваат на регулирањето на работните задачи за работното место на кое била примена вработената, електронската евиденција за присуство на вработените на работно место и листите за исплата на плата, беше извршено економско вештачење, а беа испитани и повеќе сведоци – вработени во Општината.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...