Новозибраниот министер кој ќе раководи со Министерството за политички систем и односи межу заедниците Садула Дураки, е роден 21 јануари 1960 година во Липково. Тој е инженер по машинерија, а дипломата ја стекнал на Техничкиот факултет на Универзитетот во Приштина.
Дураки на оваа функција доаѓа од Министерството за животна средина и просторно планирање, со кое раководеше од 2017 година.
Претходно тој во два мандата бил градоначалник на општина Липково, бил директор на Агенцијата за развој и инвестиции, а во 2006 година бил избран за пратеник во Собранието на Република Македонија.
Претходно, во 2004 година Дураки бил избран за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, а во 2002 ја извршувал функцијата заменик-директор на Царинската управа на РМ.
Говори албански, македонски и германски јазик.
Ревматологот од Тетово и професор на Медицинскиот факултет на Тетовскиот универзитет д-р Хусни Исмаили, роден во 1963 година, е избран за нов министер за култура, по оставката на неговиот сопартиец од „Алтернатива“ Асаф Адеми.
Медицинско образование Исмаили стекнал на Скопскиот универзитет и на Универзитетот во Тузла, Босна и Херцеговина. Автор и коавтор е на голем број научни трудови, изданија-прирачници од областа на ревматологијата, клиничка кинезиологија и кинезитерапија, учествувал во медицински проекти и на домашни и меѓународни научни конференции и конгреси.
Во неговата биографија доставена до Собранието пишува дека учествувал во бројни активности од културата во земјава – уредник на книги, на радиодрами и радиоемисии (1998-2002), уредник на 80 документарни ТВ-програми на албански јазик, организатор на првиот саем на книга на приватни албански издавачки куќи во 1993, меѓу основачите и член на Управниот одбор на издавачката куќа „Логос А“ од Скопје во 1991 и еден од основачите на културно-хуманитарната организација „Мерхамет“ во Скопје во 1999 година.
Доцент е на Медициснкиот факултет на ДУТ, а претходно работно искуство има како професор во средното медицинско училиште „Никола Штејн“, матичен лекар и специјалист-интернист во приватни здравствени установи во Тетово.
Новоизбраниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, е роден на 8 ноември 1967 година во Куманово. Тој е дипломиран земјоделски инженер, а дипломата ја стекнал на Земјоделскиот факултет во Скопје.
Од март 2019 година Димковски е раководител на Сектор за рурален развој при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а од јуни 2017 до изборот за раководител на овој Сектор бил шеф на кабинет на досегашниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Додека ја извршувал функцијата раководител на Секторот за рурален развој, учествувал во подготвување годишни програми, планирање и нивно спроведување.
Целиот свој професионален век тој работи на позиции поврзани со земјоделството. Претходно бил и посебен советник на Николовски, кога тој беше дополнителен заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во техничката Влада пред парламентарните избори.
Димковски ја извршувал и функцијата Извршен директор во Федерацијата на Фармери во Република Македонија, координатор на проект за поддршка на земјоделски здруженија, SAFARM2, како и менаџер на здружение на земјоделски производители-Куманово