Едноставно, нема бре да се краде и – што тука не е јасно?!

Ние штотуку излеговме од најкриминалниот режим во историјата на македонската држава и сега сите со право сме пречувствителни кон појавите на криминал, корупција, конфликт на интереси, непотизам, забеганост и незаслужено парадирање во новата власт.

3577

Своевремено, уште во раните деведесетти години на минатиот век, кога се создаваа институциите на младата македонска демократија, се водеа жестоки, понекогаш интересни, а често и јалови расправи за тоа кому треба да му се довери вршењето на државните работи. Прашањето не е ново ниту во политичката теорија, а уште помалку во практиката.

Во основа, се спореше за тоа дали со државата да управуваат луѓе од интелектуалната елита, дали треба да им се даде шанса на луѓе од бизнис-елитата (подоцна оцрнети како „олигарси“), дали да водат фиданките на новата политичка елита (луѓе од партиите) или државата да им се довери на професионалци од администрација. Дебатата добиваше на интензитет при секоја владина реконструкција, а во периодот меѓу 1992 и 1998 година, за време на доминацијата на социјалдемократите под водство на Бранко Црвенковски и Киро Глигоров, многу луѓе продефилираа во врвовите на извршната власт.

Кадровската политика на тогашниот режим во суштина беше некаков компромис меѓу интересите на сите наведени елити, при што улогата на „врховен сталеж“ во Платоновска смисла на зборот – значи, улогата на „филозофите“ како управувачи на државата – сепак им припадна на водечките луѓе од политичката елита. И богами, имаше за тоа две сериозни оправдувања:

Од една страна, партиите наследија неконсолидирани институции и прекубројна, бирократизирана и прилично некомпетентна администрација (денес ситуацијата е уште полоша). Интелектуалната елита со неподнослива леснотија се определи за експресно политичко афилирање, лесно губејќи го имиџот на независност. А луѓето од бизнис-елитата, пак, беа зафатени со приватизацијата, обидувајќи се да стекнат што подобри позиции во прераспределбата на општествената сопственост.

Од друга страна, пак, луѓето во новата политичка елита, кои се регрутираа од разни професии, во новите партиски водства донесоа пристојно ниво на компетенција и ентузијазам (толку потребни во она пресвртно време), а во првите години сѐ уште не беа стасале да ги почувствуваат „апсолутната власт што апсолутно расипува“ и „единственото обземачко зло на демократијата – тиранијата на мнозинството“ (лорд Ектон). Подоцна работите се сменија во сосема спротивна насока.

„Зајрето“ од кое Заев ја зготви „манџата“

Во принцип, секогаш сум приврзан на пристапот нестандардните проблеми да се решаваат со нестандардни решенија. СДСМ на Зоран Заев од режимот на Груевски наследи метастазирана и целосно партизирана администрација, партиски строго поделена интелектуална елита, хокеарски обновена екипа во својата партија и жесток притисок на дел од партнерскиот невладин сектор желен да си ги проба силите во водењето на државните работи. Објективно, тоа беше „зајрето“ од кое Заев требаше да ја зготви „манџата“ и да создаде влада. Нестандарден пристап во таква ситуација можеше да биде само строгото инсистирање на високо ниво на компетенција на луѓето што ќе бидат ангажирани во кабинетот.

Без оглед кој што мисли за човекот, изборот на менаџер од калибарот на Кочо Анѓушев, на пример, како претставник на бизнис-елитата, беше такво нестандардно решение. Немаше Заев да згреши и ако се определеше за личности како Живко Мукаетов и неколку други менаџери од реалниот сектор на економијата. Зборувам, значи, за потребата до Заев да застане и цврсто да стои способен менаџер од секторот што произведува реални добра, она од што сите живееме. Друг пример е важниот ресор култура. Нестандардно решение, според моето мислење, ќе беше да се избере врвен и реализиран уметник на водечката министерска позицијата, наместо „менаџер во културата“ или партиски апаратчик.

Се разбира, нереално е од луѓето што ги ангажирате да барате да ги напуштат своите бизниси и авторски ангажмани. Потребно е со низа законски и етички решенија тие да ги усогласат своите легитимни приватни интереси, со новата позиција во власта, за да се избегне конфликтот на интереси (особено беше битно тоа со време да се стори во случајот на Анѓушев, човекот број два во Владата). Но, да се вратам на основната теза. Какви беа и какви се сѐ уште моите очекувања од ваквите кадровски решенија?

Новата власт, која веќе баш и не е нова, сѐ уште не е консолидирана. Во процесот на придружување кон НАТО и кон ЕУ, таа ќе се консолидира реализирајќи прецизно зададени, многу сериозни и болни реформи (резултатите ќе бидат ригорозно оценувани), а не по пат на постепено зреење на капацитетите и компетенциите на државниот апарат, кој во една консолидирана демократија од западноевропски или скандинавски тип, всушност, би требало да биде способен мериторно да ги води државните работи. Ние немаме ни време ни сили за такво бавно зреење. Нам ни се потребни луѓе со лична храброст и посветеност, кои ќе се осмелат на крупни нестандардни потези.

Не верувам дека на вицепремиерската позиција што носи крупна одговорност во секторот економија еден одличен професор може да ја заврши работата подобро од еден успешен менаџер во бизнисот. Сигурен сум дека дури и еден хировит уметник ќе наметне посмели реформи во културата од еден партиски апаратчик. Ама погледнете, самиот Заев е пример за таква нестандардност за каква што говорам – сите крупни потези во надворешната политика во оваа година, сѐ до фамозниот договор со Грција, беа политички одлуки на човек без грам искуство во светот на дипломатијата! Добро, веројатно тие одлуки не беа само негови, но сигурно беа под негово доминантно влијание.

Чувствителноста како аршин

За жал, морам да констатирам дека покрај неколкуте неспорни кадровски решенија во Владата, премиерот Заев, во обид да задоволи разни интереси од разни страни (веројатно мислејќи дека така ќе ја прошири и зајакне политичката и интересовната поткрепа на својот кабинет), направи премногу непотребни компромиси. Тој натрупа премногу луѓе околу себе, а што е најстрашно, меѓу нив има и опасни политички конвертити, но и многу некомпетентни персони со желба брзо да се стекнат со незаслужена слава, со пари и со многу други нешта поради кои политиката се споредува со најстариот занает на светот.

Тие грешки ги покриваат добрите работи. Наместо да демонстрира разочарување и лутина, Заев треба да се помири со тој факт. Ние штотуку излеговме од најкриминалниот режим во историјата на Македонија и сега сите со право сме пречувствителни кон појавите на криминал, корупција, конфликт на интереси, непотизам, забеганост и незаслужено парадирање во новата власт. Таа сензитивност мора да се прифати како аршин со кој и во иднина ќе се мерат достигнувањата, но пред сѐ грешките и слабостите на луѓето од власта.

Може ли да се владее во такви околности? Ќе се потрошат ли така луѓето на кои Заев им верува? Е како да не! Едноставно, нема бре да се краде, нема да се злоупотребува и нема да се ужива во незаслужени привилегии! Ќе се укинат бре корупцијата и конфликтот на интереси! Македонија не може да издржи уште едно дивеење на власта, какво што имавме цела една деценија во груевизмот. Не може и не сака. Што тука не е јасно?!

(Објавено во „Слободен печат“)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...