Едниот викан Фикус, другиот Превара

Во својата овоземна политичка кариера, Груевски е веќе починат; а од Будимпешта, со интервју викендов, се обидува да не биде за навек и заборавен, па погребан и на „Небото“ од националната политичка меморија.

4700

Во недостаток на подобри, рационални објаснувања, во народот постои и едно уверување дека се умира два пати: еднаш кога физички ќе починеш на Земјата; и втор пат, дефинитивно, кога си на Небото, а кога на Земјата ќе престанат да те спомнуваат и по добро да се сеќаваат на тебе.

Во својата овоземна политичка кариера, Груевски е веќе починат; а од Будимпешта, со интервју викендов, се обидува да не биде за навек и заборавен, па погребан и на „Небото“ од националната политичка меморија.

Во тој разговор не кажа ништо заради што вреди да биде запомнет. Мало, тажно, осамено и напуштено човече, кое не знае ни самиот како да си го почне животот одново, здодевен и за најголемите ентузијасти за негување на сеќавањата за него. Толку здодевен, што единствениот наслов што можете новинарски да го извадите од таа тривијална беседа е дека – еден ден ќе се врател во Македонија! … Дознавам дека, при монтажата, од интервјуто е исечен делот со кој продолжува: „А вие, магариња што ме чекате, не умирајте до тој ден, зашто ќе ви донесам зелена трева.“

Така зборуваше Грујо. Додека нацијата не задрема.

Но, уште пред да побегне (по сопствено признание, на „едноставен“ начин, што Обвинителството уште не може да го соопшти), Грујо во наследство ни остави двајца претседатели – едниот со прекар „Фикус“, другиот викан „Превара“ (а од некои и „Дубара“) – кои низ аболиции и начелни правни толкувања се обидуваат да ги спасат од правдата магарињата со кои ја пљачкосуваше татковината. И веќе не се спорни доказите, туку треба, низ адвокатски трикчиња, да се вадат на роковите.

А за тоа како се правени пљачкосувањата, за мешавината на политичкиот безобразлук и високата разбојничка вештина, убаво е да се погледа (а и лесно ќе го најдете на интернет) разговорот во 1ТВ од минатиот петок на колешката Јадранка Костова со Александар Бежовски, човекот кој – не без сопствената наивност, амбиција и своевремената безрезервна „магарешка“ партиска верба – за малку ќе бил проголтан, засекогаш, во вртлогот на криминалите со „Македонска банка“. Ги има во тој милионски кривично-правен трилер и старите „патриотски“ и новите вмровци-технократи, и тајните служби и претседателот викан „Превара“, и судовите и адвокатите и Американците и СЈО… И методите на притисоци, лаги, фалсификати, поткупи, злоупотреби, илегални трансфери и судско-адвокатски финти вежбани, повторени и научени во десетици и стотици други случаи.

Има таму сѐ, а веројатно не е кажано ни до пола.

Она што го нема е шансата тоа некогаш до крај да се расчисти. За тоа треба правосуден систем во кој не може една врвна метафора од „Превара“ да стигне до највисокиот суд во земјава, а од таа позиција да носи толкувања со кои ќе се тангира и сомнежот за неговиот криминал. И да шета наоколу и по семинари во Струмица, велејќи дека му е близок на премиерот, со кого ги покачиле платите на судиите. Така оставен на раат, во ова судство ништо нема да се расчисти.

Затоа и мислам дека Амди Бајрам, викан „Кока кола“, не треба да се потцени како кандидат за претседател на државата. На оваа држава.

Извор: Цивилмедиа

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...