Една од 3 жени ќе почине од кардиоваскуларно заболување

Интересно е што свесноста кај жените кај нас за ракот на дојка, заболување од кое умира секоја 31 жена, е значително повисока отколку свесноста за срцевите заболувања, како што нагласија дел од учесниците, а повеќе жени отколку мажи и умираат од овие заболувања. 

836

Една од 3 жени  ќе почине од кардиоваскуларно заболување, иако дури 80 отсто од овие болестиа можат да се превенираат! Со овие алармантни податоци вечерва во Скопје беше означен почеток на Акцијата „Црвен аларм за женското срцево здравје“, со која ќе се јакне свесноста за женското кардиоваскуларно здравје.

Прегледите со коишто ќе се проверува ризикот од кардиоваскуларни заболувања кај жените до 65 години во земјава почнуваат в понеделник, на 4 ноември, а на 1 февруари в година ќе ги дознаеме резултатите од оваа акција што ја организира Универзитетската Клиника за кардиологија, а нејзин поддржувач е сопругата на Претседателот на државата, Стево Пендаровски, проф.д-р Елизабета Георгиевска.

Интересно е што свесноста кај жените кај нас за ракот на дојка, заболување од кое умира секоја 31 жена, е значително повисока отколку свесноста за срцевите заболувања, како што нагласија дел од учесниците, а повеќе жени отколку мажи и умираат од овие заболувања.

Проф. д-р Љубица  Георгиевска Исмаил, кардиолог на Клиниката за кардиологија, предупреди на 6-те главни проблеми со женското срцево здравје.

– Само 45 отсто од жените знаат дека овие заболувања се причина број еден за смртноста. Отсуствува свесноста за овие заболувања, за кои некогаш се поставува и неадекватна дијагноза, а имаат, за жал, и ненавремен третман. Жените недоволно учествуваат и во клинички испитувања, а помалку ги има и во програмите за рехабилитација. важно е дас е нагласи дека симптомите на срцевите заболувања се малку поразлични кај жените – може да чувствуваат симптоми како кај ангина пекторис, замор, изнемоштеност, вртоглавица, а дел од нив се неспецифични за срцевите заболувања, па некои и не им придаваат голема важноста и не одат на прегледи. Превенција може значително да го намали ризикот од појава на овие заболувања, затоа се важни овие скрининг програмии едукација на жените за што порано откривање и лекување на срцевите заболувања, коишто се огромен ризик за женското кардиоваскуларно здравје – нагласи проф.д-р Георгиевска Исмаил.

Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот, рече дека без срце не можеме, но ниту без здраво срце можеме. Неопходно е, посочи таа, да се подигне свесноста за почести превентивни кардиоваскуларни прегледи и кардиоваскуларен скрининг и да се зајакне врската на пациентите со општите лекари и со лекарите по семејна медицина.

– Почестата комуникација од ваков вид ќе го намали стравот, а грижата за здравјето ја става во рутински животни активности со кои се помага да се спречат заболувањата наместо да се лекуваат. Целната група се работоспособни жени кои себеси се сметаат за здрави, немаат детектирани срцеви заболувања, но често пати ги занемаруваат знаците кои ги праќаат заболувањата кои се во најава – рече Ѓоргиевска.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека една од специјалностите во која ќе треба да навлезат матичните лекари пред се преку областа на семејната медицина, се хроничните болести, срцевите заболувања и тие ќе бидат стимулирани да работат на нивно рано детектирање со цел навреме да се интервенира и согласно тоа да се постигнат добри резултати од лекувањето.

Директорот на Универзитетската клиника за кардиологија, Жан Зимбаков истакна дека 35.000 пациенти годишно се подложуваат на една од неинвазивните дијагностички процедури со единствен цел да се дојде во навремена и точна дијагноза.

– Една од три жени умира од кардиоваскуларни заболувања, една од 18 жени умира од мозочен удар. Од друга страна една од 31 жена умира од карцином на дојка, меѓутоа сепак свесноста за оваа патолошка состојба е далеку поголема. Факт е 90 отсто од жените имаат еден или повеќе ризик фактори за развивање на кардиоваскуларна болест. На годишно ниво повеќе жени споредено со мажи умираат од кардиоваксуларни заболувања – додаде д-р Зимбаков.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...